Navigation
 

Д-р Ивановски Ѓорѓи - Редовен професор

Роден на 29 јуни 1945 г. во Скопје. Основно и средно образование стекнал во Скопје и во Битола и ги завршил со одличен успех. Високото образо­вание го оформил на Физичкиот фа­кул­тет при Харковскиот државен универзитет (сега Украина), на Катедрата по термодина­мика и статистичка физика во периодот од 1964 до 1969 г. За континуираниот одличен успех добил црвена диплома. На Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје се вработил во 1969 г. како асистент. Во периодот од 1970 до 1973 г. престојувал, како аспирант, на Физичкиот факултет при Московскиот државен универзитет (МГУ), на Катедра­та за тео­риска физика. Одбранувајќи ја својата кандидатска дисер­тација под наслов Кон теоријата на електро­акустичките појави во металите во 1973 г., тој се здобил со научното звање кандидат по физико-математички науки. Својата докторска дисертација со наслов За појави условени со електрон-фононско заемодејство во нор­мал­ни металија одбранил во 1976 г. на тогашниот Факултет за физика во Скопје. Во 1977 г. е избран во настаничкото звање доцент, во 1982 г. во звањето вонреден професор, а во 1987 г. во звањето редовен професор. Во последново наставничко звање е преизбран во 1994 и во 1999 г. Во повеќе наврати бил на студиски престои на универзитетите во Москва (1984), Воронеж (1983 и 1986), Софија (1990) и Лондон (1991 г.). Како наставник ги предавал, или ги предава, предметите: математички методи во физиката, квантна механика за студентите физичари, квантна механика за математичари (теориска насока), општа физика за хемичари, статистичка физика, механика и молекуларна физика. По основањето на Техничкиот факултет во Битола, две години предавал техничка физика, а една година предавал и општа физика на студиите за заштита при работа. Постојан наставник е и на постдипломските студии по теориска физика, во рамките на кои редовно се одржуваат семинари. Бил и наставник на постдипломските студии на Хемискиот факултет. Бил ментор на многу голем број дипломци, како и на неколку магистранди и докторанди. Автор или коавтор е на шест универзитетски учебници: Техничка физика (1978) во коавторство со З. Стојанов и В. Урумов; Математичка анализа со некои примени (1982), во соавторство на П. Лазов; Квантна механика - нерелативистичка теорија на една честичка (1990); Квантна механика - системи од многу честички (2000), кој е прв учебник на македонски јазик од оваа област; Статистичка физика (2002), исто така, прв учебник на Универзитетот за оваа област на физиката; Механика и молекуларна физика (2006, во печат); коавтор е на еден средношколски учебник и на неколку збирки задачи по физика. Резултатите од неговата научна работа од областа на теориската физика на цврсти тела и квантната механика се презентирани во над стотина трудови, печатени во следниве меѓународно признати списанија: Физика твердого тела, Журнал ƒксперименталÝнои и теоретическои физики, Физика низких температур, Physica status solidi, Journal of Physics: Condens. Matter, Journal of Physics, Mol. Opt. Phys., Physical Review A, Physics Letters, Journal of Molecular Structure, Physics of Low-Dimensional Structures, Physica Skripta, Vestnik Moskovskogo universiteta, Journal of Magnetism and Magnetic Materials, American Journal of Physics, N. Jb. Miner. Abh., Z. Phys., Journal of Physical Studies, Journal of Mathematical Chemistry, Croatica Chem. Acta. Извесен број трудови публикувал и во домашните списанија: Годишен зборник - Физика (Physica Macedonica), Билтен на Друштвото на физичарите на Македонија и Физика - списание во рамките на поранешна Југославија. Со соопштенија (како автор или коавтор) учествувал на повеќе меѓународни и домашни конференции и симпозиуми. Бил раководител на повеќе научноистражувачки проекти, некои и од меѓународен карактер. Бил раководител и на двогодишен проект што го финансирала Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена. Значајни активности остварувал и остварува на полето на популаризацијата на науката меѓу младите како претседател и учесник на Школата млади физичари и како главен уредник на списанието Импулс, каде што објавувал и свои написи. Бил претседател на Извршниот одбор на гранковата интересна заедница за наука, пот­претседател на нејзиното собрание, член на Комисија за научни проекти; член на Универзи­тетскиот совет и на негови комисии, член на различни комисии и тела на ПМФ. Во периодот од 1991 до 1995 г. (два мандата) бил декан на Природно-математичкиот факултет. Има објавено триесетина колумни во печатените медиуми, во кои, во основа, се засегнати прашања од образованието во Република Македонија. ...