Navigation
 

Доктор Шоптрајанова Лидија - Редовен професор (во пензија)

Родена на 23 ноем­ври 1941 г. во Битола. Основното и средното образование ги завршила во Скопје (во 1955, односно 1960 г.). Во 1965 г. дипло­ми­ра­ла на Технолошко-металуршкиот факултет на Универзитетот "Кирил и Методиј" во Скопје. Магистрирала (во 1975 г.) на Катедрата за инструментална аналитичка хемија при Природно-матема­тич­ки­от факултет од Уни­верзитетот во Белград, Србија, одбранувајќи ја тезата "Reakcija paladijum(II)-acetata sa nekim metal(I) acetati­ma u glacijalnoj sirćetnoj kiselini", а докторирала (во 1981 година) на Хемис­киот факултет, Универзитет "Кирил и Методиј" во Скопје. Насловот на нејзината докторска дисертација е "Изучу­ва­ње на некои катјонски и анјонски комплекси на паладиум". За асистент на Технолошко-мета­лур­шки­от факултет во Скопје е избрана во 1967 г. (претходно, од 1965 до 1967 г., работела како шеф на погонот за синтетички лепила во Хемискиата индус­трија "Пролетер" во Скопје). Во истото звање е преизбрана на Хемискиот факултет во Скопје. За доцент (на Хемискиот факултет во Скопје) е избрана во 1982 г., за вонреден професор (на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје) е избрана во 1987 г., а за редовен професор е избрана во 1993 г.. За редовен професор е преизбрана во 2000 година. Била пензионирана во 2005 г. Одржувала вежби по пред­метите: аналитичка хемија за техно­ло­зи, металурзи на додипломските студии на Технолошко-металур­шки­­от факултет, инструментална анализа на постдиплом­ски­те студии на ТМФ, аналитичка хемија за фар­мацевти на Хемискиот факултет и аналитичка хемија на биохемиско-физиолошката насока на Институтот за биологија при ПМФ. На додипломски студии држела настава по предметите одбрани поглавја од инстру­мен­тална анализа I и II,статистичка обработка на експе­риментални податоци, извори и користење на хемиски инфор­мации, инструментална анализа за хеми­ча­ри, аналитичка хемија и инструментална хемија за биолошко-физиолошката насока на Институтот за биологија. На постдипломските студии по хемија држела настава по предметите: статистичка обработка на експериментални резултати, компјутери во хемијата, инстру­ментална анализа и спектроскопски и радио­хе­мис­ки аналитички методи, а сега држи настава по пред­ме­тот обработка и интерпретација на експериментални податоци во хемијата. Главни подрачја на нејзиниот научен интерес се изучувањето на комплексни соедине­ни­ја на паладиум и рамнотежите во безводна средина, а од другите подрачја на нејзиниот научен интерес може да се спомнат структурната хемија, поларографијата и анализата на прехранбени производи. Досега објавила 43 трудови, од тоа во списанија издавани надвор од Македонија 16 труда (6 во списанија без импакт фактор и 10 во списанија со импакт фактор), а во списанија во Македонија 18 труда. Во зборници на трудови надвор од Македонија има 4 трудови, а во зборници на трудови во Македонија 5 трудови. Од нејзините трудови за поз­начајни може да се сметаат: В. Вајганд, Л. Шоптра­ја­но­ва, Електрофоретско испитување на некои палади­ум(II) ацетатни комплекси, Год. Зборник Хем. Фак. Унив. Скопје, 27, 17‡26 (1977); L. Šoptrajanova, B. Šoptra­ja­nov, G. Jovanovski, Infrared spectra of cis-[Pd(NH3)2(CN)2], J. Mol. Struct.,142, 6366 (1986); I. Spirevska, L. Šoptra­ja­no­va, K. Jankovska, B. Andonovski, UV study of the formation of superacids in a sulfuric acid medium, J. Mol. Struct., 293, 9396 (1993); L. Šoptrajanova, I. Spirevska, S. Petrovska-Jovanović, K. Stojanova, The deter­mination of traces of metals in wines from Macedonia, Fresenius J. Anal. Chem., 362, 425427 (1998); I. Spirevska, L. Šoptrajanova, R. Gulabovski, Square-wave voltammetric method for determination of aconitic acid, Anal. Lett., 33, 919926 (2000). Трудовите во кои таа е еден од авторите во Science Citation Index се цитирани 23 пати. Била рецензент на два труда во странски списанија и на повеќе трудови во домашни списанија. На научни мани­фестации презен­ти­рала 90 соопштенија - 54 на собири надвор од Македонија и 36 на манифестации во Македонија (од овие, 2 секциски предавања). Објавила еден универзитетски учебник (Извори и користење на хемиски информации) и едно учебно помагало (Семимикро квалитативна анализа). Коавтор е на два средношколски учебника (обата печатени во повеќе изданија). Била главен уредник на научното списание Билтен на Технолошко-металур­шки­от факултет во периодот од 1975 до 1976 г., и член на Уредувачкиот одбор на списанието Гласник на хеми­чарите и технолозите на Македонија (од 1987 до 1993 г.). Била член на Научен/Организационен одбор на 6 научни конференции. Учествувала во обработката на 15 домашни проекти од кои на 1 била рако­во­­дител. Била коментор на 5 кандидати за докторска дисертација, ментор на 2 кандидата за магистра­ту­ра и коментор на уште тројца вакви кандидати, ментор на два кандидата за титула специјалист и на 26 кандидати за изработка на дипломска работа. На Природно-математичкиот факултет во Белград престојувала во учебната 1973/74 г.. Била претседател и член на Комисијата за анали­тич­ка хемија при Унијата на хемис­ки­те друштва на Југославија, претставник на Македонија во Комисијата за аналитичка хемија при FECS, претседател на Советот на Хемискиот факултет, претседател на Извршниот одбор на ПМФ, продекан за настава и наука на ПМФ, претседател на Комисијата за постдип­лом­ските студии и нострификација на дип­ло­ми на ПМФ, раководител на постдипломските студии на Институтот за хемија, рако­во­дител на Заводот за аналитичка хемија при Институтот за хемија на ПМФ; член на Комисијата за настава при Ректоратот на Универзитетот "Кирил и Методиј" , а вршела и други одговорни должности. Владее со англискиот и српскиот јазик, а се служи и со руски, бугарски и француски. За својата работа била награ­дена (во 1989 г.) со Орден на трудот со златен венец. Добитник е на плакета и повелба на Универзитот "Св. Кирил и Методиј", Благодарница од Природно-математичкиот факултет и Благодарница од Сојузот на студенти на ПМФ по повод педесетгодишнината од постоењето на Природно-математичкиот факултет. ...