Д-р Вељановски Благоја - Редовен професор

Роден на 10 април 1954 г. во Охрид. Основно и сред­но образование завршил во Скопје. Во 1973 г. се запишал на Групата по физика на Природно-матема­тичкиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1978 г. Од 1974 г., пара­лелно со овие студии, студирал и на Група­та за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје, ка­де што дипломирал во 1979 г. На 1 февруари 1979 г. се вработил како помлад асис­­тент по теориска физика на тогашниот Факултет за фи­зика во Скопје. Во почетокот на 1980 г. се запишал на постдипломски студии на Електротехничкиот факултет во Белград, на насоката проблеми на современата физика, и во април 1984 г. успешно ја одбранил магистерската теза под нас­лов "Примена Хамилтоновог и Ли-адмисибл формализ­ма на ди­си­пативне системе када сила зависи од квадрата брзи­не". Во декември 1984 г. е избран за асистент по теорис­ка физика. Во март 1988 г. на Природ­но-математичкиот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов "Диси­па­тивни системи и нивен Ли-допустлив третман". Во ноември 1988 г. е избран за доцент по група предмети од теориската физика. Во учебната 1988/89 и 1989/90 г. одржувал настава по предметот физика за студентите на Институтот за математика на ПМФ. Од учебната 1990/91 г. почна да ја држи наставата по теориска ме­ха­ника за студентите на II г. на Институтот за физика, наставата по новововедениот пред­мет компјутерска физика за студентите од IV г. на Институтот за физика, како и наставата по новововедениот предмет филозофија на природните науки за студентите од сите институти на ПМФ. Во 1994 г. е избран за вонреден професор по теориска механика и компју­терска физика. Во октомври 1998 г. е избран за редовен професор по теориска механика, компјутерска физика и филозофија на природните науки. Во рамките на постдипломските студии на Институтот за физика е задолжен за предметите: теорија на релативноста и релативистичка квантна механика. Од 1 октомври 1986 г. до 31 март 1987 г. бил на студиски престој на Одделот за теориска физика на Универзитетот во Патра (Грција). Во септември 1988 г. престојувал на Одделот за физика на Универзитетот во Рим. Во рамките на активностите на Темпус - проектите престојувал на Универзитетот во Гент, Белгија, на Универзитетот во Парма, Италија, и повеќе пати на Универзитетот во Амстердам, Холандија, и на Универзитетот во Солун, Грција. Сора­ботувал со Департманот за теориска физика на Универзитетот во Патра (Грција), Институтот за физика на Универзитетот во Рим, Институтот за фундамен­тални истражувања во Флорида (САД). Бил и надворешен соработник на Институтот за фундаментални истра­жу­ва­ња во Монте­ро­дуни (Италија). Неговиот научен интерес е во областите: механика на дисипативните системи и нивниот Ли-допустлив третмент, хадронска механика, квантна механика на непотенцијални интеракции и на неутрални честици, како и интерференциони и дифракциони истражувања на дводимензионални оптички елементи. Досега има објавено 49 научни труда (од кои 40 во меѓународни списанија) и 14 стручни труда. Учествувал на 37 научни собири. Позначајни објавени научни трудови се :) B. Veljanoski and A. Jannussis, Quantum probabilities in open dissipative systems: a Lie-admissible formulation, Hadronic Journal 10, 53 (1987); B. Veljanoski and A. Jannussis, Damped harmonic oscillator with complex coefficient of friction, Hadronic Journal 10, 193 (1987); A. Aringazin, A. Jannussis, D. Lopez, M. Nishioka and B. Veljanoski, Santilli's Lie-isotopic generalization of Galilei's and Einstein's relativities, A review of their mathematical foundations, physical applications and proposed experiments, Kostakaris Publisher, Athens,(1992); M. Mijatovic, G. Ivanovski, B. Veljanoski, and K. Trencevski, Scattering and bound states of nonrelativistic neutral spin-1/2 particle in a magnetic field, Z. Phys. A 345, 65 (1993); B. Veljanoski and M. Mijatovic, Tunneling of neutral spin 1/2 particles through magnetic fields, Tunneling and its implications, D. Mugnai, A. Ranfagni and L.S. Schulman eds., World Scientific, Singapore, p. 421-434 (1997). Учествувал во реализацијата на 8 научни проекти, а бил раководител на научните проекти: Квант­номеханички истражувања во физиката на неутрални честици со спин 1/2 и Каналирање на релативистички јони во закривени кристали, а учествувал во работата на повеќе научни проекти. Исто така, бил раководител на Темпус - проектите: Use of computers in continuing education of physics teachers, Web-based learning courses for science teachers и Multilingual web-based science courses. Ја објавил книгата Хрестоматија по филозофија на науката (заедно со Драган Јакимовски) како учебно помагало за сите студенти од ПМФ кои го слушаат предметот филозофија на природните науки, а исто така и за сите оние кои се заинтересирани за филозофските проблеми на науката.Претседател е на Комисијата за самоевалуација на Природно-математичкиот факултет. Во досегашниов период активно учествувал во работата на Редакцијата на списанието Импулс и на Школата млади физичари. Од февруари 1999 г. до февруари 2003 г. во два последователни мандата бил претседател на Друштвото на физичарите на Македонија....