Д-р Никола Панов - Редовен професор

Роден на 17 август 1952 г. во Скопје, каде што ги завршил основното и средното образование. На Институтот за географија при ПМФ во Скопје се запишал во учебната 1972/73 г., а дипломирал во учебната 1978 г. со просечен успех 8,56. Во периодот помеѓу 1978 и 1983 г., кога на Географскиот факултет е примен како помлад асистент, бил вработен во првата македонска национална туристичка агенција Паластурист во Скопје, каде што ја вршел функцијата раководител на служба за резервации-букинг системи. Во меѓувреме се запишал на постдипломски студии на ПМФ-Отсек за туризмологија во Белград, кој го завршил во 1988 г. со просечен успех 9,50 и го одбранил магистерскиот труд под наслов Туристичка валоризација на вештачките езера во Република Македонија. Во 1983 г. бил избран за помлад асистент по група предмети од социо-економската географија, а во 1989 г. за асистент по предметот посебна стопанска географија. Во 1989 г. ја пријавил докторската дисертација под наслов Комплексни проучувања на резиденцијалниот туризам во Република Македонија, која ја одбранил во 1994 г. Притоа се стекнал со научниот степен доктор на географски науки. Една година подоцна Панов е избран за доцент на Институтот за географија по предметот основи на туризмот. Во 2000 г. е избран за вонреден професор по предметите основи на туризмот и етнологија на Македонците I, а во 2005 г. за редовен професор по предметите основи на туризмот, географија на америка и австралија и сообраќајна и туристичка географија.Држел настава/вежби по предметите: основи на туризмот, посебна стопанска географија, картографија, геологија и петрографија. Држи настава по предметите: основи на туризмот, географија на Америка и Австралија, географија на Европа, географија на Република Македонија, сообраќајна и туристичка географија, етнологија на Македонците I. Главно подрачје на неговиот научен интерес се туризам и социо-економска географија. Други подрачја на научен интерес: екологија, одржлив развој и етнологија на Македонците.Во списанија има објавено 19 трудови, од кои 4 во странство; во зборници на трудови 15, од кои 7 во странство. На научни манифестации реферирал 32 труда, од кои 10 надвор од Република Македонија. Има објавени 8 монографии, 3 универзитетски учебници, 2 за средно и 3 за основно образование.Работел на 7 научноистражувачки проекти, при што раководел со четири (2 меѓународни и 2 национални), а во три бил член на тимот.Бил на студиски престои на Универзитетите во Мастрих, Белград, Софија, Москова, Воронеж, Нови Сад, Сараево и Приштина.Бил на повеќе раководни функции во струката, како што се: раководител на Заводот за социо-економска географија, раководител на постдипломските студии по географски основи на планирањето на туризмот, претседател на Македонското географско друштво, претседател на Туристичкиот сојуз на град Скопје.Учествува во разни стручни и научни тела: член на македонската делегација на Осмата сесија на Комисијата за одржлив развој при Обединетите нации во Њујорк, член на македонската делегација на меѓународниот собир Здравјето и животната средина, Лондон, 2000 г., делегат на Интернационалната географска унија, инструктор по екологија на Интернационалната федерација за мотоциклизам, член во Комисијата на Интернационалната федерација за мотоциклизам, со постојано седиште во Женева, инструктор на Водичката служба и професионален туристички водич, член на Управниот одбор при АМСМ, член на делегацијата на Меѓународната туристичка алијанса во Куала Лумпур-Малезија, член на делегацијата на Генералното собрание на Интернационалната федерација за мотоциклизам во Мелбурн, Париз и во Амстердам.Добитник е на плакета за заслужен член на Македонското географско друштво.