Navigation
 

Д-р Драган Хаџиевски - редовен професор во пензија

Роден на 5 јули 1928 г. во Га­личник. Основно учи­лиште учел во Га­личник и во Белград, а гимназија во Битола и во Скопје. Во учебната 1952/53 г. се запишал, а во 1957 г. дипломирал на Филозофскиот фа­кул­тет на Универзитетот во Скопје, група физика. Во учебната 1957/58 г. рабо­тел како професор по математика и физика во гимназијата "Јосип Броз Тито" во Битола. Во 1958 г. е избран за асистент во Сеизмо­лош­ката ста­ница на Универзитетот во Скопје. Иста­та година започнал специјализација по сеизмологија и се запишал на редов­ните студии по геофи­зи­ка на Гео­фи­­зич­киот за­вод при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, Хрватска, кои ги за­вр­шил во 1961 г. Во март истата година е назна­чен за ра­ко­во­дител на Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје. На оваа функција останува до 5.7.1988 г., кога бил пензиониран според интервентен републички закон за пензионирање. Докторирал во 1978 г. на Гео­фи­­зич­киот за­вод при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, Хрватска, со одбрана на дисертацијата "Fizikalne karakteristike žarišta potresa".Во 1967 г. е избран во звањето научен со­ра­ботник по сеиз­мологија во Сеизмолошката опсерваторија на Универзитетот во Скоп­је, која во 1976 г. станува работна единица на Факултетот за физика во Скопје, а од 1977 г. е еден од институтите на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. На овој Факултет, во 1978 г. е избран во зва­њето вонреден професор, а во 1981 г. е избран и во 1987 г. преизбран во звањето редовен професор. На постдипломските студии при Институтот за земјо­тресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје ги одржувал предавањата по предметите општа сеизмологија, во две учебни години, и инженерска сеизмологија, од 1969 до 1985 г. За потре­бите на наставата за првиот предмет напишал учебно помагало (1985 г.). Од 1986 г. до 1990 г. држел предавања по предметот физика на земјотресното жариште на постдиплом­ски­те студии во Гео­фи­­зич­киот за­вод при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, Хрватска, и за потребите на наставата напишал учеб­но пома­гало (1986 г.). Неговата стручна и научна активност ги допира сите области на сеизмологијата, како и други подрачја од физиката на внатрешноста на Земјата. Според таа активност, тој се јавува како основоположник на теоретската сеизмологија и на сеизмолошката служба во Република Македонија. Самостојно или како коавтор, има објавено 64 труда, од кои 5 се монографии на македонски јазик, 22 се објавени во реномирани научни списанија надвор од Македонија (еден во интернационал­ното списание Tectono­physics), 8 - во научни списанија во Македонија, 29 - во зборници од научни собири одр­жани во Македонија и во други држави, или во монографии на македонски. Има 27 соопштенија на научни собири (од кои 25 надвор од Маке­донија). Покрај објавените трудови, во самостојно авторство или во коавторство има уште 56 апликации и околу 70 други стручни трудови (годишни сеизмолошки билтени и каталози, атласи на изосеистички карти и др.) во фондот на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје.Бил раково­ди­тел и главен истражувач на 4 меѓународни и на 4 републички научни проекти. Во 1966 г. бил на специјализација по сеизмологија во траење од шест месеци, во Ин­сти­тутот за физика на Земјата при (тогашната) АН СССР во Москва. Членувал во Меѓународната асоцијација за сеизмологија и во Европската комисија за сеизмологија. Бил делегат во Заедницата за сеизмологија на СФРЈ во целиот период на нејзиното постоење, претседател на нејзиниот Извршен одбор, член на Редакцискиот одбор на списанието Acta Seismologica Iugoslavica (19711991 г.) и одговорен уредник на ова спи­­са­ние во периодот од 1979 до 1986 г. Бил одговорен уредник на списанието Повре­ме­ниизда­нија на Сеизмолошката станица во Скопје (1965-1967 г.), член на Редакциониот одбор на списа­нието Годишен зборник на Факултетот за физика во Скопје, член на Уредувачкиот одбор на списанието Геофизика (се издава на Геофизичкиот завод при Природно-математичкиот факултет во Загреб), еден од редакторите (покрај Н. В. Шебалин и В. Карник) на Каталогот на земјотресите на балканскиот регион во периодот 1901-1970 г. (издание на UNESCO од 1974г.),претседател на Изврш­ниот од­бор на СИЗ за наука на СРМ. Бил ментор на домашни и на странски магистранди и докторанди сеизмолози. Го владее активно рускиот и пасивно англискиот јазик. Добитник е на Орден на трудот со златен венец (1979 г.), Орден заслуги за народ со сребрени зраци (1989 г.), Наградата "13 ноември" на град Скопје за наука (1966 г., заедно со д-р Д. Н. Рустанович и д-р В. А. Токмаков, а за решението на механизмот на жариштето на силниот скопски земјотрес од 26.07.1963 г.), Плакета на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" (1984 г.), Бла­го­дарница со плакета "Андрија Мохоровичиќ" (1986 г.). Иако е во пензија, и денес се вклучува во работата на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, со драгоцени совети и консултации, со рецензии и менторства на докторски дисертации, магистерски и други трудови.