Navigation
 

Д-р Јордановски Љупчо - Научен советник

Роден на 13 февруари 1953 г. во Штип. Во Скопје завршил основно училиште и матурирал, во 1971 г., во Гим­на­зијата "Јосип Броз Тито", ка­ко првенец на гене­рацијата. На Елек­тро­тех­ничкиот фа­кул­тет на Универзитетот во Загреб, Хрватска, со одличен успех дипломирал електроника, насока автоматика, во 1975 г., и ги завршил постдипломските студии, во 1978 г., со одбрана на магистерскиот труд"Matematički mo­del žarišta potresa".Во 1975 г. ап­сол­вирал и математика на Природно-математичкиот факул­тет на истиот Универзитет. Во 1979 г. реализирал четиримесечна специјализација за проблемот на интеракција помеѓу почвата и конструкцијата при институтот Dames and Moore во Лондон, Велика Британија. На Градежниот факултет на Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Ангелес, САД, по шестмесечна специјализација по инже­нер­­ска сеизмологија во текот на 1982 г. (стипендија на UNESCO) и четиригодишни докторски студии од истата област (1982-1985 г.), ја одбранил, во 1985 г., докторската дисер­тација "Investigation of Numerical Methods in Inversion to Earth­­quake Source Mechanism", стекнувајќи се со титулата доктор на науки по градежништво, специјалност земјотресно инженерство.Во 1978 г. се вработил во Институтот за земјотресно инженерство и ин­же­нерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје, како асистент, за во 1987 г.да биде избран во звањето научен соработник, а во 1992 г. во звањето виш научен соработник. На овој Институт, одржувал настава на постдипломските студии по предметот инженерска сеизмологија и земјотресно инженерство, како и настава на Интернационалниот курс за асеизмички конструкции за кандидати од земјите во развој (CADAC), по предметот вовед во нумеричката анализа (составил скрипта). Во 1992 г. преминал на работа во Сеизмолошката опсерваторија при Природно-матема­тич­киот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, во звањето виш научен соработник. При истиот Факултет, во 1998 г. е избран, а во 2003 г. преизбран во звањето научен советник. На 9.7.1993 г. е избран за шеф на Опсерваторијата, функција што ја вршел до 10.3.2001 г.Неговите редовни работни обврски во Опсерваторијата се врзани сосеизмолошката инструментација и со при­мената на сметачи во аквизицијата и анализата на податоците. Во учебните 1995/96-97 и 2000/01-05 г. одржувал настава по предметот физика на Земјата и атмосферата со екологија за студентите од нас­тавната насока математика-физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а сега држи настава по предметите механика на континуум (составил скрипта) и моделирање на геофизички полиња на студиската насока геофизика со метеорологија на Институтот за физика на истиот Факултет. Од 2000 г. е ангажиран во наставата на Катедратаза геологија и геофизика на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, и тоа по предметите комјутерско моделирање и дигитална обработка на податоците - во додипломската настава, и по предметот примена на дигитални филтри во геофизиката - во наставата на постдипломските студии. Неговата научна активност е насочена кон проблематиките: анализа на сеизмичкиот ризик со примена во сеизмич­кото микрореонирање, математичко моделирање во обратната задача на земјотресното жариште, ширење на сеизмички бранови, инструментација на сеизмолошките набљудувања, со при­мена на сметачи во аквизицијата и анализата на податоците. Во коавторство објавил 22 труда, од кои 4 се монографии на македонски, 5се објавени во интернационални и реномирани научни списанија надвор од Македонија,12 во збор­ници од научни собири (од кои 10 надвор од Македонија), 1 во меѓународна научна монографија. Коавтор е и на околу 20 апликативни и други струч­ни трудови, главно објавени како засебни извештаи на ИЗИИС-Скопје, а развил 6 оригинални и модифицирал 2 постојни апликативни софтверски пакети. Има 3 постерски презентации на трудови на научни собири (од кои 1 надвор од Македонија). Бил водител или учествувал во вкупно 8 меѓународни и во 5 републички научни проекти. Од 1987 до 1989 г. бил член на националната работна група за податоци за силни земјотреси (Task Group 1). Бил ментор или рецензент на докторски дисертации и магистерски трудови, како и рецензент на трудови во реномирани домашни и странски научни списанија. Во 1988 г. остварил двомесечен стручен престој во Мексико Сити, во 1990 г. бил во едномесечна експертска мисија во Иран од областа на сеиз­мичкиот ризик и земјотресното инженерство, како експерт на UNDP. Бил визитинг професор на Градежниот факултет на Уни­верзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Ангелес, САД, мај-јули 1993 г. и мај-август 1994 г. Во 1996 г. имал едномесечна обука во Кинеметрикс, фирма-производител на сеизмолошка апаратура од Пасадена, Калифорнија, САД. Член е на Друштвото на инженерите и техничарите на Македонија и на Здру­же­­нието на сеизмолозите на Македонија. Бил член на Заедницата за сеизмологија на СФРЈ. Активно го владее англискиот јазик. Од 3.10.2002 г. работното место во Сеизмолошката опсерваторија во Скопје му е во мирување, поради вршењето на функциите (редоследно): пратеник во Собранието на Република Македонија, Претседател на Собранието на Република Македонија, вршител на функцијата Претседател на Република Македонија, амбасадор на Република Македонија во САД.