Navigation
 

Д-р Лазо Пекевски - Вонреден професор

Роден на 6 јули 1947 г. Скопје, каде што завршил основно образование, во 1962 г., и гимназија, во 1966 г. Во 1974 г. дипломирал на Природно-математичкиот фа­кул­тет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, група применета физика. Постдипломските студии од фи­зи­ка на внатрешноста на Земјата ги завршил на Геофи­зичкиот завод при Природ­но-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, Хрватска, во 1984 г., со одбраната на магистерскиот труд "Odre­đ­vanje seiz­mičnosti područja Makedonije primjenom teorije ekstrema". Во 1999 г., на Институтот за физика при Природно-мате­ма­тич­киот факултет во Скопје, ја одбра­нил докторската теза "Сеизмички бранови од блиски земјотреси во вискозно-еластичен модел на Земјината кора на територијата на Р. Македонија", од об­ласта на сеизмологијата. По дипломирањето, од 1975 до 1981 г. работел како професор по физика и математика во средно училиште. Во 1981 г. се вработил како асистент во Сеизмолошката опсерваторија при Природно-мате­ма­тич­киот факултет во Скопје. На истиот Факултет, во 2000 г. е избран во звањето доцент, а во 2005 г. - во звањето вонреден професор, на 10.3.2001 г. е назначен, а на 1.10.2001 г. е избран за шеф на Сеизмолошката опсерваторија, функција што ја врши и денес. Од последниов датум е и член на Управата на Природно-математичкиот факултет. Денес, во својот редовен ангажман во Сеизмолошката опсерва­торија во Скопје, главно, работи на инсталирање и развој на мре­жата на телеметриски поврзани сеизмолошки станици во Македонија, на системи за сеизмички мониторинг на високите брани во Македонија, како и на развој на апли­кативни софтвери за проблеми од сеизмологијата и за обработка на сеизмичките сигнали. На Институтот за физика, во рамките на студиската група геофизика со метеорологија, одржува настава по предметите сеизмологија I и сеизмологија II. Изведува настава по сеизмологија на Интернационалниот курс за асеизмички конструкции за кандидати од земјите во развој (CADAC) при Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје. Изведувал вежби по предметот општа сеизмологија на постдипломските студии по земјотресно инженерство при истиот Институт, и повремена настава по сеизмологија за ученици при Сеизмолошката опсерваторија во Скопје. Главни области на неговиот научен интерес се: изучување на параметрите на сеизмич­носта, проблеми врзани со распростирањето на сеизмичките бранови и моделирањето на регионалната струк­тура на Земјината кора, сеизмички хазард и др. Самостојно или како коавтор, објавил 24труда, од кои 4 се монографии на македонски, 11 се објавени во ре­но­мирани научни списанија надвор од Македонија, 4 во ре­но­мирани научни списанија во Македонија, 7 во зборници на трудови од научни собири (од кои 3 надвор од Македонија), 2 во меѓународни научни монографии. Автор е или коавтор и на повеќе од 70 апликации и други стручни трудови (годишни сеизмолошки билтени и каталози, десетгодишни атласи на изосеистички карти и др.) во фондот на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје. Развил 15 оригинални апликативни софтверски пакети од областа на сеизмологијата. Усно или постерски презентирал 21 труд на научни собири (од кои 18 надвор од Македонија). Бил водител или учествувал во 4 меѓународни и во 3 републички научни проекти. Во рамките на меѓународни научни проекти и сеизмолошки апликации, остварил научни и стручни престои во Геолошката служ­ба на САД во Голден, Колорадо, во Центарот за научна култура во Ериче, Италија, и во фирмата-производител на сеизмолошки инструменти Кинеметрикс, Пасадена, Калифорнија, САД. Од 1984 до 1989 г. бил делегат во Заедницата за сеизмологија на СФРЈ. Член е на Друштвото на физичарите на Македонија, на Здру­­же­нието на сеизмолозите на Македонија и на IASPEI (International Association of Seis­mology and Physics of the Earth's Interior). Сега е титуларен член на Европската сеизмолошка комисија. Активно го владее англискиот јазик.