Navigation
 

Д-р Чејковска Вера - Виш стручен соработник

Родена на 16 октомври 1954 г. во Скопје. Во Кавадарци го завршила основното училиште, во 1969 г., а потоа и гимназија, во 1973 г., ка­ко првенец на гене­рацијата. Во 1979 г. дипломирала применета физика на Факултетот за физика при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, со одличен успех. Во 1990 г., на Гео­фи­­зич­киот за­вод при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, Хрватска, со одличен успех ги завршила постдипломските студии од физика на внатрешноста на Земјата, бранејќи го обемниот магистерски труд "Osnovne metode i modeli fizi­ke žarišta tektonskog potresa. Metode određivanja mehanizma žarišta potresa-rasjeda". Во 2005 г. се стекнала со титулата доктор на физички науки при Институтот за физика на Природно-матема­тич­киот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје, со одбраната на докторската дисертација "Примена на сеизмичкиот момент во истражувањето на земјотресните жаришта во Република Македонија", од областа на физиката на земјотресно жариште. Работи во Сеизмолошката опсерваторија при Природно-матема­тич­киот факултет на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје од првото вработување, во 1980 г., како приправник-помлад асистент. При истиот Факултет, во 1982 г. била избрана во звањето помлад асистент, во 1991 г. во звањето асистент, а во 2002 г. во звањето виш стручен соработник. Нејзините сегашни работни обврски во Сеизмолошката опсерваторија вклучуваат прелиминарна анализа на сеизмолошките податоци, одредување на параметрите на механизмите на жариштата и макросеизмичките полиња на земјотресите во деталната анализа на сеизмолошките податоци, каталогизирање на земјотресните параметри и др. Под менторство на вонр. проф. Лазо Пекевски, изведува настава и вежби по изборниот предмет физика на сеизмички извори, на студиската насока геофизика со метеорологија при Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Изведува настава и вежби по сеизмологија на Интернационалниот курс за асеизмички конструкции за кандидати од земјите во развој (CADAC), при Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје. Изведувала вежби по предметот општа сеизмологија на постдипломските студии по земјотресно инженерство при истиот Институт, како и повремена настава по сеизмологија за ученици при Сеизмолошката опсерваторија во Скопје. Нејзин главен научен интерес се физиката на земјотресно жариште, истражувањето на параметрите на сеизмичност, сеизмотектониката, макросеизмиката и други проблематики од сеизмологијата. Во овие области, самостојно или како коавтор, објавила 23 труда (од кои 4 се монографии на македонски, 6 се објавени во ре­но­мирани научни списанија надвор од Македонија, 1 во меѓународна научна монографија, 7 во ре­но­мирани научни списанија во Македонија, 5 во зборници на трудови од научни собири, монографии и весници во Македонија), потоа, усно или постерски презентирала 4 трудови на научни собири (од кои 3 надвор од Македонија) и изработила 60 апликации и други стручни трудови (годишни сеизмолошки билтени и каталози, десетгодишни атласи на изосеистички карти и разни извештаи, кои се дел од фондот на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје). Покрај ова, автор е и на околу 80 одредници од геофизиката, физиката на внатрешноста на Земјата и сеизмологијата за МИ-АН-овата енциклопедија - општа и македонска (Скопје, 2006), на два прашалника за осетеност на земјотресите, кои се во сегашна употреба од страна на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, како и на неколку есеи врзани со филозофијата на природните науки, а објавени во македонски списанија од културата. Учествувала во 1 (петгодишен) меѓународен и во 2 републички (неколкугодишни) научни проекти. Во текот на 1998 г. имала неколкунеделна обука по палеосеизмологија при Европскиот центар за геодинамика и сеизмологија воВалферданж,Луксембург. Член е на Друштвото на физичарите на Македонија и на Здружението на сеизмолозите на Македонија. Била делегат во Заедницата за сезмологија на СФРЈ. Ги владее активно англискиот и рускиот јазик.