Navigation
 

Доктор Кон-Поповска Маргита - Редовен професор

Д-р Маргита КОН-ПОПОВСКА, редовен професор е родена на 23 ноември 1948 г. во Битола. Основно и гимназиско образование офор­ми­ла во Риека, Хрватска. Студии по техничка математика за­вршила во 1972 г. на Факултетот за природни науки и технологија во Љубљана, Сло­венија. Степен магистер по операциони истражувања стек­нала во 1975 г. на Универзитетот во Љуб­ља­на, со одбрана на трудот “Računalniška obdelava zvezne­ga di­namičnega linearnega programiranja”. Исто така на Универзитетот во Љубља­на го добила звањето доктор на информа­тички и управу­вачки науки, со одбрана во 1992 г. на дисер­та­ци­јата “Enoparametrsko zvezno linearno progra­mi­ranje, teo­re­tič­ni in algoritemski pristop”. Во академската 1987/88 г. престоју­вала на специјализација за развивање инте­ли­гентни матема­тички програмски системи на Mathematical Department, Uni­versity of Colorado во Денвер, САД, а во 1997 г., во рамките на DAAD програмата, престојувала 2 месеца како визитинг професор, на Fern University, Хаген, Германија работејќи во областа на параметарското програм­мирање. Во периодот од 2000 г. до денес престојувала по 1 до 4 недели на повеќе Универзитети во Европа во рамките на проектите со кои раководела: Open University, Лондон и Loughborough University во ВБ, Royal School of information sciences and library, Копенхаген, Technical University of Athens, Атина, Aristotle University и Macedonia University, Солун, International Atomic Energy Agency, Виена, University Merseburg, Германија, Бугарската академина на науките, Софија, Универзитетот во Нови Сад, Србија, и други. Почнала да работи, уште како студент, во 1971 г., како програмер-асистент во Сметачкиот центар на Институтот за математика, физика и механика на Универзитетот во Љубљана, а во 1972 г. како самостоен програмер на Економскиот факултет во Љубљана. Во 1973 г. се преселила во Скопје, каде што била избрана за стручен соработник на Математичкиот институт со нумерички центар при Универзитетот. Потоа била унапредена за предавач и за виш предавач, а по док­торирањето за вонреден професор по операциони истражувања и информатика при Инсти­тутот за информатика на ПМФ. За редовен професор е избрана во 1998 година. Д-р М. Кон-Поповска има мошне богата наставна дејност. На студиите по информатика држи настава по предметите: операциони истражувања, бази на податоци, бази на податоци II, компјутерска графика, информациони системи, моделирање и симулација со визуелизација, а порано изведувала настава и по програмски јазици и структури на податоци. Кур­се­ви по информатика држела или држи за студентите по физика, биологија и географија на ПМФ, за студентите по социологија, одбрана, социјална работа и социјална политика и историја на Филозофскиот факултет и компјутерско проектирање на Архитектонскиот факултет. Настава по операциони истражувања и бази на податоци изведува на Институтот за математика, а настава по операциони истражувања изведувала и на Еко­ном­скиот факултет во Скопје и во Штип. На Шумарскиот факултет држела курс по мате­ма­тика. Освен на матичниот институт, држела предавања и на постдипломските студии на Медицинскиот, Машинскиот факултет, на Интер­дисциплинарните студии по молекуларна биологија при МАНУ, како и на студиите по хемија. Од 2003 г. изведува настава по бази на податоции и информациони системи и на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Има објавено 64 научни труда. Раководител или кораководител за Македонија е на 18 меѓународни проекти финансирани од TEMPUS, PHARE, FP5, FP6, NATO Science for Peace и UNESCO (од нив 3 тековни) и на 10 домашни проекти финансирани од МОН, Институтот Отворено опшество и Универзитетот. Учесник е во уште 6 TEMPUS и 3 проекти финансирани од МОН. Има напишано 11 учебни помагала, а авторизирани тековни предавања се наоѓаат на web-страницата за е-учење на Институтот. Изработила и поголем број стручни проекти и апликации, а најзначајно е проектирањето на информациони системи (библиотечен информационен систем на Р. Македонија, информа­ци­онен систем за научно-технолошки информации на Р. Македонија, информационен систем на Факултетот). Главна научна преоку­пација на Кон-Поповска претставува параметарското линеарно програмирање за одредени типови проблеми, како од тео­рис­ка гледна точка така и од алгоритамска страна. Истражува и во областа на бази и складови на податоци, информациони системи, информациони технологии во образованието, е-учење и учење на далечина. Ментор е на 2 докторски дисертации и на 4 магистерски труда. Членува и активно учествува во работата на повеќе меѓународни и домашни стручни асоцијации, нивните од­бори и комисии. Национален претставник е во Генералното собрание на ТЕРЕНА и потпретседател на Управниот одбор на МАРНЕТ. Член е на програмските одбори на балканските конференции по информатика (организатор и претседател на Програмскиот одбор на 2. Балканска конференција за информатика БКИ 2005, Охрид) и на балканските конференции по операциони истражувања, како и на Советодавниот одбор на списанието Информациски технологии и контрола на Бугарска асоцијација на автоматичари и информатичари. Посебно значајно е долгогодишното залагање на М. Кон-Поповска за изград­ба на македонска академска истражувачка мрежа и вклучувањето на Р. Македонија во европ­ските и во светските информациони мрежи, што во 2004-2005 резултира со изградба на универзитетска гигабитска оптичка и безжична компјутерска мрежа и нејзино вклучување во академските мрежи на Југоисточна Европа и GEANT, како и во европските грид-мрежи SEEGRID и EGEE. Во периодот 1993-1995 г. била шеф на Институтот, во 1995-1997 г. раководител на КЦ при ИИ, од 2003 до 2005 г. раководител на КЦ при ПМФ, а од 2005 г. повторно е шеф на Институтот. Основач е на специјализираните лаборатории за: мултимедија, визуализација и компјутерска графика; виртуелни дигитални библиотеки; учење на далечина; перманентно образование на библиотекари; грид-кластер и други.

 


margitaЗнак за e-mailii.edu.mk