Научно-истражувачка дејност на Институтот за хемија
Научни подрачја
Престојот на наши наставно-научни работници во други центри во тогашна Југославија и во светот резултирал со донесување проблематика на која продолжувале да работат не само тие работници, туку и нивните соработници и следбеници. Се разбира, постојат научноистражувачки активности започнати и на самиот Институт. Преку анализа на научноистражувачката активност на наставно-научните работници на Институтот може да се види дека првите години од постоењето на Институтот била посветени на неговото формирање, на организација на наставата, а наскоро потоа се започнато и со научна работа. Првата статија е објавена во 1953 г. од страна на професорот Г. Флумиани, а во наредните десетина години биле објавувани по неколку статии годишно. Потоа следи еден релативно стабилен период (1964-1985 г.) во кој се објавувале по 10-15 трудови годишно. Од 1986 г. па сè до 2002 г. следи период на константно зголемување на бројот на објавени трудови, којшто достигнува максимум од околу 80-100 труда годишно. Во последните неколку години овој број се стабилизира на околу 60 труда годишно. За посебно обележување е фактот што во изминатите дваесетина години значително се зголеми бројот на трудови објавени во меѓународни списанија (посебно во оние со фактор на влијание). На тој начин, Институтот за хемија стана препознатлив и во меѓународни рамки. Така, според податоците од Министерството за образование и наука на Република Македонија, бројот на објавените трудови од наставно-научните работници на Институтот во списанија со фактор на влијание изнесува околу 28 % од вкупниот број трудови објавени во вакви списанија од страна на сите истражувачи во Република Македонија. Треба да се напомене дека во периодот на изминативе 60 години вработените на Институтот за хемија објавиле вкупно 1464 научни труда. Од нив, 929 труда (65 %) се отпечатени во списанија издавани надвор од Македонија. Од овие, пак, 823 се печатени во научни списанија, а 106 во зборници на трудови од меѓународни научни собири. Преостанатите 535 библиографски единици (35 %) ги сочинуваат 435 труда објавени во научни списанија во Македонија и 100 труда во зборници на трудови од научни манифестации одржани во Македонија. Посебно заслужува да се одбележи фактот дека, според Science Citation Index, 617 труда (42 %) се објавени во списанија со фактор на влијание (impact factor – IF).
Судејќи според продукцијата и резултатите што се постигнати и забележени од страна на научната јавност, една од најактивните истражувачки групи е групата за структурна хемија. Во оваа група работат членови од сите четири заводи на Институтот. Истражувањата започнаа на полето на инфрацрвената спектроскопија (проблематика што на Институтот прв ја донел проф. Иван Петров, а многу се развила со заслуга и со големо ангажирање на проф. Бојан Шоптрајанов), за потоа да се прошират и на полето на рендгенската дифракција (проблематика со која најмногу се занимава академик Глигор Јовановски) и раманската спектроскопија (со оваа област најмногу се занимава проф. д-р Биљана Минчева-Шукарова). Забележителни резултати на полето на вибрационата спектроскопија постигнал проф. Владимир Петрушевски, а со инфрацрвена спектроскопија успешно се занимаваат и професорите Лилјана Андреева, Мирјана Ристова, Киро Стојаноски, Мира Трпковска, Виктор Стефов, доцент Љупчо Пејов и асистентите Владимир Ивановски и Петре Макрески.
Резултатите (кои, по правило, се објавуваат во интернационални списанија) се забележени и доста цитирани од други истражувачи.
Поради тоа што предмет на изучување претставуваат главно соединенија во цврста состојба, започнаа истражувања насочени кон определување на кристалните структури (наш прв кристалограф е проф. Глигор Јовановски, потоа со кристалографски проблеми се занимава и проф. Орхидеја Групче, а во последно време извонредно успешно со оваа проблематика се занимава насловниот доцент Панче Наумов). И на ова поле се постигнати и објавени (повторно ‡ во интернационални списанија) бројни, мошне интересни и забележани резултати.
За посебно обележување е и интензивната работа на групата што ја предводи академик Глигор Јовановски поврзана со испитувањата на минералите од Република Македонија. Притоа, застапени се повеќе аспекти на истражувањата на минералите (вибрациона спектроскопија, минералогија, анализа на елементи во траги итн.). Како резлутат на активностите на оваа група во просториите на Институтот за хемија создадена е збирка на минерали од Република Македонија, а оформена е и минералошка лабораторија.
Дел од зирката на минерали од Република Македонија
Членовите на групата за структурна хемија одржуваат тесни контакти со други истражувачки групи во светот, а постојат (или биле работени) и заеднички истражувачки проекти со групи од Упсала (Шведска), Лондон (Велика Британија), Хале и Зиген (Германија), Софија (Бугарија), Загреб (Хрватска), Љубљана (Словенија), Истанбул (Турција). Од оваа област се одбранети повеќе магистерски тези и докторати.
Резултатите на членовите на групата за структурна хемија се и пошироко познати, за што зборува и нивното ангажирање во меѓународни проекти, поканите за учество во комисии за одбрана на докторски дисертации надвор од Скопје (Бојан Шоптрајанов во Загреб и во Љубљана, Глигор Јовановски и Благоја Јорданоски во Загреб), учеството во рецензентски комисии за избор на наставници надвор од Скопје итн. Впрочем, и двајца академици се од областа на хемиските науки: проф. Бојан Шоптрајанов (избран за дописен член на МАНУ во 1994 г., а за редовен во 1996 г.) и проф. Глигор Јовановски (избран во 2006 г.).
Спектроскопски методи (ултравиолетова и видлива спектроскопија) се користени и надвор од истражувачките рамки на групата за структурна хемија (проф. Лидија Шоптрајанова, проф. Илинка Спиревска, проф. Благоја Андоновски, д-р Горан Стојковиќ), на пр. за следење и за определување на константите на рамнотежа на некои реакции, како и за изучување на реакциите на протонирање.
Вистински и голем чекор напред во областа на инструменталната аналитичка хемија (и, поспецијално, атомската апсорпциона анализа) претставуваат истражувањата за воведување нови и за модификација на постојните методи за квантитативни испитувања елементи во траги ("прв човек" во оваа област е проф. Трајче Стафилов). Опусот од повеќе од стотина трудови за неполни дваесет години (речиси две третини од нив се објавени во реномирани интернационални списанија) е факт што говори сам за себе. Раководителот на тимот бил и координатор на макропроектот LOREX. Во оваа група е забележителна и активноста врз проблемите за заштита на околината, посебно во развојот на методи за определување на елементи во траги во води, почви, храна, биолошки материјал и друго. Во рамките на оваа група свој значителен придонес има и проф. Катарина Чундева. За обележување е и добрата опременост на лабораторијата за атомска апсорпциона спектрометрија како резултат на донацијата на Европската агенција за реконструкција и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија. Во рамките на работата на оваа група до сега се одбранети поголем број докторски дисертации и магистерски и специјалистички трудови.
Како продолжение на работата врз опсежните анализи на составот на водата за пиење од различни региони (проблематика на која прв почнал да работи проф. Димче Тошев), на Институтот постои и група што се занимава со подготвување и примена на јоноселективни електроди (прв во оваа област почнал да работи проф. Методија Димески а се вклучени и проф. Благоја Топузовски, проф. Круме Калајџиевски). И од оваа област се презентирани резултати, одбранети се два доктората и неколку магистерски трудови.
Лабораторија за атомска апсорпциона спектрометрија
Од другите електрохемиски методи најголема традиција има поларографијата (кај нас воведена од проф. Благоја Топузовски). Изучувањата биле ориентирани главно кон испитување на стабилноста на метални комплекси и во аналитички цели. Во последно време се воведуваат и други методи, како што е анодната stripping волтаметрија (проф. Марија Георгиева) и квадратнобрановата волтаметрија (тука активност пројавиле Благоја Јорданоски, Симка Петровска-Јовановиќ, Илинка Спиревска и Корнелија Стојанова со соработниците). Со електрохемиски методи се занимаваат членови од сите заводи, освен од Заводот за органска хемија. Од оваа област се одбранети неколку докторати и магистерски трудови.
За обележување е што во последните десетина година во оваа област интензивни истражувања се реализирани од страна на доц. Валентин Мирчески во соработка со познатите центри за електрохемија во Грајсвалд (Германија), Загреб (Хрватска) и Брест (Франција). Како резултат на оваа активност, доц. Мирчески е добитник на престижната германска стипендија “Alexander von Humboldt”, а има реализирано и двогодишни постдокторски студии на Универзитетот во Грајвсвалд, Република Германија. Кон оваа група се приклучи и насловниот доцент Рубин Гулабоски. Истражувањата на групата се главно посветени наразвојот на теоријата на волтамметриските техники и моделирањето на разни електродни механизми, како и на проучувањето на феномените на пренос на јони низ течна меѓугранична фаза, како модел за јонските реакции низ мембраните на клетките. Освен тоа, се работи и на полето намолекуларно-динамичките симулации и на студирањето на интеракциите помеѓу биолошки активни супстанци со волтамметриски и импендансни методи.
На Институтот за хемија веќе поодамна се афирмира група (под раководство на проф. Иван Грозданов) која работи на приготвување и испитување на својствата на тенки филмови, при што се постигнати плодни резултати, објавени во интернационални списанија. Од оваа област се одбранети и две докторски и две магистерски тези. Овие истражувања успешно ги продолжуваат доц. Методија Најдоски и д-р Билјана Пејова.
Истражувања се вршени и во областа на термичката анализа (започнати од проф. Даринка Коцева) и од ова подрачје се одбранети три докторски и два магистерски труда. Посебен придонес во оваа проблематика има дадено проф. Вера Јорданоска, преку публицирање на голем број трудови во интернационални списанија од оваа област. На ова поле работи и проф. Илинка Донова.
Истражувањата во кои се применуваат методите на синтетичката хемија имаат голема традиција на Институтот. Во органската хемија се работи на синтези и на изучување на својствата на полиоксосоединенија (подрачје со кое прв почнал да се занимава покојниот проф. Јосиф Јанчулев), реакции на оксидација - област во која се постигнати видни резултати (специјалност на проф. Бојан Подолешов) и синтези на амиди, тиоамиди и сродни соединенија (тука најголема активност покажале проф. Мирослава Јанчевска-Николовска и нејзините соработници). Овие истражувања подоцна ги продолжија проф. Василка Алексиќ, проф. Лилјана Јовевска, проф. Фроса Анастасова, проф. Иванчо Јанев, м-р Наташа Ристовска и други.
Лабораторија за електрохемија
Во подрачјето на синтетичката неорганска хемија, главно се работи врз синтезата и изучувањето на двојни соли и комплексни соединенија (меѓу првите истражувачи е проф. Вера Јордановска). Честопати се синтетизираат и нови лиганди (предимно органски). Така, подрачјата на неорганската и органската синтетичка хемија се заемно испреплетени, а изучувањето на комплексите со различни физичко-хемиски методи ги доближува овие истражувања до истражувањата со кои се занимаваат членовите на групата за структурна хемија. Постојат, секако, примери на соработка и заеднички публикации од членови на различни истражувачки групи.
На Институтот за хемија во последните десетина години се разви и групата за хроматографија во чиј развој свој голем удел има доц. Марина Стефова, а вклучени се и проф. Зоран Здравковски, проф. Трајче Стафилов, проф. Симка Петровска-Јовановиќ и м-р Валентина Павлова.
Првичните истражувања од областа на теоретската хемија во Македонија (започнати од проф. Богдан Богданов) во последно време се значително продлабочени (придонес на проф. Зоран Здравковски). За неполни три години се публикувани триесетина трудови во врвни интернационални списанија - резултат што претставува своевиден рекорд кај нас. Во последните години со оваа проблематика интензивно се занимава доц. Љупчо Пејов кој за кратко време публикувал 60-тина трудови во интернационални списанија, кои од своја страна, се забележани од научната јавност, што се гледа од големиот број цитати. Негов интерес се квантномеханичкото ab initio моделирање, динамиката на интрамолекуларните торзиони движења, молекуларната спектроскопија на системи во цврста и во течна фаза, проблемот на вибрациониот Штарков ефект, латентната симетрија и фермиевската резонанца, водородното сврзување, Jahn-Teller-овските системи.
Забележан е интересот за примената на микросметачите во образованието по хемија, од страна на неколку истражувачи на Институтот (први биле Бојан Шоптрајанов, Владимир Петрушевски и Лидија Шоптрајанова, но позабележителни резултати во оваа област постигнал Зоран Здравковски, наставник задолжен за специјализираниот курс - информатика за хемичари). Зоран Здравковски е првиот што ја афирмирал македонската хемија на компјутерската мрежа Internet.
Треба да се спомене и фактот што во последните десетина години проф. Владимир Петрушевски, заедно со доц. Методија Најдоски и соработниците, се вклучија со својата работа на полето на наставната хемија објавувајќи поголем број трудови од областа на експериментите во наставата по хемија, како и од методиката во наставата по хемија.
Научноистражувачки проекти
Доста јасна слика за научната активност на членовите на Институтот може да се добие од бројните научноистражувачки проекти што биле пријавени и работени под фирмата на Институтот, односно на Хемискиот факултет. Постоеле и постојат и проекти во кои биле вклучени одделни научни работници од Институтот/Факултетот, но во кои носител била друга институција. Во последно време значитена научноистражувачка активност се реализира преку меѓународни проекти, во кои доминираат билатералните, па така, истражувачите од Институтот, со студиските престои во странски лаборатории, се стекнуваат со можност да користат инструменти кои се недостапни во Република Македонија.
Како што може да се види, работени се стотина проекти. За оние што се подолу наброени, а се однесуваат на проекти работени во последните десет години, дадени се насловот, годината на завршување и раководителот на проектот.
Практично сите проекти, дури и оние кои се со меѓународен карактер, се финансирани (целосно или делумно) од извори во Македонија.
Во периодот од 1996 до 2006 г. на Институтот за хемија реализирани се следните научноистражувачки проекти:
1. Ефектот на оловото во текот на бременоста врз некои биохемиски параметри кај фетусот, раководител проф. д-р Илинка Спиревска (1996–1998).
2. Моделирање на хемиски системи со молекуларно-механички и квантномеханички методи, раководител проф. д-р раководител Зоран Зравковски (1996–1998).
3. Тенки слоеви од неоргански материјали: приготвување, карактеризација и нови примени, раководител проф. д-р Иван Грозданов (1996–1998).
4. Спектроскопски испитувања на клатрати и аквакомплекси, раководител Биљана Минчева-Шукарова (1996-1998).
5. Примена на квадратно-брановата волтаметриска метода за квантитативно определување на некои микро елементи, раководител проф. д-р Симка Петровска-Јовановиќ (1996–1999).
6. Системи од изоструктурни и изотипни соединенија - спектроскопски, структурни и теориски истражувања, раководител проф. д-р Владимир Петрушевски (1997–2000).
7. Студија на електрохемиското однесување и корелација со фармаколошките особини на некои органски соединенија, раководител проф. д-р Благоја Јорданоски (1997–2000).
8. Синтеза, структурни испитувања и квантно-механички пресметки за некои сахаринатни соли и комплекси со пиридин, 2,2-бипиридин и о-фенантролин, раководител проф. д-р Орхидеја Групче (1997–2000).
9. Изучување на биохемиски системи од макромолекули и нивната интеракција со мали лиганди и метални јони, раководител проф. д-р Киро Стојаноски (1997–2000).
10. Употреба на талиумови минерали како детектори на сончеви неутрина. Испитувања од областа на аналитичката хемија, раководител проф. д-р Трајче Стафилов (1997–2000).
11. Изучување на индоли и слаби органски киселини и разработка на аналитички методи за нивно определување, раководител проф. д-р Илинка Спиревска (1997–2000).
12. Изучување на уринарни калкулуси со помош на фурие-трансформна инфрацрвена спектрометрија и развој на методи за нивна квалитативна и квантитативна анализа, раководител проф. д-р Мира Трпковска (1997–2000).
13. Метални минерали од Македонија - спектроскопска и структурна карактеризација, раководител проф. д-р Глигор Јовановски (1998–2000).
14. Експериментални и теоретски студии на кристалохидрати и хидроксиди, раководител проф. д-р Бојан Шоптрајанов (1999–2001).
15. Синтеза и испитувања на некои соединенија на ураниумот, раководител проф. д-р Илинка Донова (1999–2001).
16. Системи од изоструктурни и изотипни соединенија - спектроскопски, структурни и теориски истражувања, раководител проф. д-р Владимир Петрушевски (2000–2003).
17. Проучување на редокс процеси на урацили со современи волтаметриски методи, раководител проф. д-р Корнелија Стојанова (2000–2003).
18. Разработка на HPCL методи за определување на пестициди кои се применуваат во лозарството, раководител проф. д-р Симка Петровска-Јовановиќ (2000–2003).
19. Развој на квалитативни и квантитативни методи за анализа на плунковни камења со помош на Фурие-трансформна инфрацрвена спектрометрија, раководител проф. д-р Мирјана Ристова (2000–2003).
20. Испитување на карбонати и нивно заемно дејство со разни неоргански киселини, раководител проф. д-р Виктор Стефов (2000–2003).
21. Концентрирање и определување на тешки метали во водени матрици, проф. д-р Катерина Чундева (2000–2003).
22. Развивање на хемиски техники за наталожување на тенки слоеви од корисни неоргански материјали, нивна карактеризација и примена, раководител проф. д-р Иван Грозданов (2000–2003).
23. Експериментални и теориски испитувања на интеракциите гостин-домаќин кај некои клатрати, раководител проф. д-р Биљана Минчева-Шукарова (2000–2003).
24. Употреба на талиумови минерали како детектори на неутриното со потекло од сонцето. Испитувања од областа на аналитичката и структурната хемија, проф. д-р Трајче Стафилов (2000–2003).
25. Минерали од Македонија - спектроскопска и структурна карактеризација, раководител проф. д-р Глигор Јовановски (2001–2004).
26. Развој на хемометриски методи за определување на составот на уринарни калкулуси, раководител проф. д-р Мира Трпковска (2001–2004).
27. Синтеза и преклинички испитувања на тио деривати на бензоил меркаптоацетил триглицин, раководител проф. д-р Богдан Богданов (2001–2004).
28. Оптимизација на услови за поставување на аналитички методи за определување на органски киселини и индоли за различни обрасци, раководител проф. д-р Илинка Спиревска (2001–2004).
29. Теориски аспекти на стабилноста на тешко разградливи органски загадувачи присутни во нашата животна средина, раководител проф. д-р Зоран Здравковски (2001–2004).
30. Синтеза, структурни испитувања и квантно-механички пресметки на некои сахаринатни соли и комплекси со различни N-донорни бази, раководител проф. д-р Орхидеја Групче (2001–2004).
31. Развивање на нови ектроаналитички методи за определување на благородни метали", раководител проф. д-р Марија Георгиева (2001–2004).
32. Структурни корелации и испитување на својствата на соединенија од типот на перовскит, раководител проф. д-р Слоботка Алексовска (2001–2004).
33. Квантно-механички и експериментални испитувања на различни биомолекули, раководител проф. д-р Киро Стојаноски (2001–2004).
34. Синтеза на некои хетероциклични соединенија со антиканцерогена активност, испитување на нивната структура и корелација помеѓу структурата и активноста, раководител доц. д-р Фроса Анастасова (2003–2006).
35. Студија на пренос на електричен полнеж низ гранична површина помеѓу две немешливи течности со примена на трифазни електроди, раководител доц. д-р Валентин Мирчески (2003–2006).
36. Структурни испитувања на сахарин, некои негови соли, комплекси и деривати. Модели на физиолошки важни интеракции, раководител проф. д-р Орхидеја Групче (2006–2009).
37. Примена на некои нови флотациони техники за аналитички цели, раководител проф. д-р Катарина Чундева (2006–2009).
38. Развој на аналитички методи за определување на траги од метали и лекови во биолошки материјали, раководител проф. д-р Трајче Стафилов (2006–2009).
39. Силикатни минерали од Македонија-идентификација и систематизација, раководител проф. д-р Глигор Јовановски (2006–2009).
40. Хемиска и сонохемиска депозиција на полуспроводливи нанокристали, раководител проф. д-р Иван Грозданов (2006–2009).
41. Примена на спектроскопски методи за испитување на пигменти во автомобилските бои, синтетичките и природните влакна, раководител проф. д-р Биљана Минчева-Шукарова (2006–2009).
42. Експериментални и теориски испитувања на неконвалентно сврзани молекуларни кластери релевцантни за биомедицинските феномени, молекуларното препознавање, атмосферската хемија, инженерството на кристали и каталитичките процеси, раководител доц. д-р Љупчо Пејов (2006–2009).
43. Испитување на различни биолошки флуиди со електрофоретски методи, раководител проф. д-р Киро Стојановски (2006–2009).
44. Детекција на сочеви неутрина со талиумови минерали, македонско-словенечки проект, раководител проф. д-р Трајче Стафилов (1997–1999).
45. Карактеризација на геохемиски детектор на сончеви неутрина, македонско-словенечки проект, раководител проф. д-р Трајче Стафилов (2000–2001).
46. Експериментални и теориски испитувања на интеракциите гостин-домаќин кај некои клатрати, македонско-турски проект, раководител проф. д-р Билјана Минчева Шукарова(2000–2003).
47. Спектроскопски манифестации врз структурните карактеристики на некои инклузиони соединенија, македонско-турски проект, раководител проф. д-р Билјана Минчева Шукарова(2003–2005).
48. Развивање на нови методи за концентрирање на тешки метали при анализа на води, македонско-турски проект, раководител проф. д-р Катарина Чундева(2002–2003).
49. Теориско и експериментално изучување на хемиските и фотохемиските трансформации на пестицидите и други тешко разградливи органски загадувачи во животната средина, македонско-француски проект, раководител проф. д-р Зоран Здравковски (2004–2006).
50. Разработка и примена на хроматографски и волтаметриски методи за определување на дроги од групата на кокаин и амфетамини, македонско-хрватски проект, раководител проф. д-р Симка Петровска-Јовановиќ (2005–2006).
51. Минерали од Македонија - спектроскопска и структурна карактеризација, македонско-хрватски проект, , раководител акад. Глигор Јовановски (2005–2006).
52. Хемиски состав на минералите од Република Македонија, македонско-словенечки проект, раководител проф. д-р Трајче Стафилов (2005–2006).
53. Квантитативни структура - активност релации кај ХИВ-1 инхибирачки молекули, македонско-словенечки проект, раководител проф. д-р Мира Трпковска (2005-2006)
54. Експериментални и квантно-теориски студии на неоргански материјали и процеси релевантни за катализата, македонско-словенечки проект, раководител проф. д-р Владимир Петрушевски (2005-2006).
55.Развој на методи за определување на хемиските форми на токсични и есенцијални елементи во прехранбени производи и примероци од животната средина, македонско-бугарски проект, раководител проф. д-р Катарина Чундева (2005–2007).
56. Квантитативна студија на процесите на интеракција на пестицидите со органски материи во природни води, македонско-француски проект, раководител проф. д-р Зоран Здравковски (2006–2007).
57.Нови електрохемиски методи за проучување на термодинамиката и кинетиката на пренос на јони и електрони помеѓу две немешливи течности, македонско-француски проект, раководител доц. д-р Валентин Мирчески (2006–2007).
58.Хемиска карактеризација на диворастечки медицински и ароматични растенија од фам. Lamiaceae и оценка на можностите за нивно култивирање, македонско-бугарски проект, раководител доц. д-р Марина Стефова (2005–2007).
59.Синтеза, структурна и спектроскопска карактеризација на метални фосфати со потенцијални протон спроводнички својства, македонско-бугарски проект, раководител проф. д-р Виктор (2006–2008).
60.Испитување на структурата и својствата на соединенија со специфични електрични и магнетни карактеристики, македонско-бугарски проект, раководител проф. д-р Слоботка Алексовска (2006–2008).
61. Study of the host-guest interactions in clathrates and related systems, NATO Science program, раководител проф. д-р Биљана Минчева-Шукарова, 2001–2004.
62. Integrative computational chemistry), COST G-8 проект, раководител доц. д-р Љупчо Пејов (2004-2006).
63. Non-destructive analysis and testing of museum objects, COST G-8 проект, раководител проф. д-р Орхидеја Групче (2005-2006).
64. Teaching and Learning Bioanalysis, CEEPUS проект, раководител проф. д-р Трајче Стафилов (2006–2007).
65. Chemical interactions between cultural artefacts and indoor environment (EnviArt), COST D42 проект, раководители проф. д-р Биљана Минчева-Шукарова и проф. д-р Орхидеја Групче (2006–2010).
66. Reinforcement of the research capacities of the spectroscopy laboratory for archaeometry, Sixth Framework Programme, FP6-2005-INCO-WBC/SSA-3, раководител проф. д-р Биљана Минчева-Шукарова (2006–2008).
Предавања во странство
Членови на Институтот ги претставувале резултатите од својата научна работа не само на научни манифестации, туку и преку предавањата што ги одржале на институциите во кои престојувале: Соединетите Американски Држави (Иван Петров, Иван Грозданов); Бугарија (Иван Петров, Глигор Јовановски, Трајче Стафилов), Велика Британија (Бојан Шоптрајанов, Биљана Минчева-Шукарова, Владимир Петрушевски), Германија (Иван Петров, Бојан Шоптрајанов, Александар Николовски, Валентин Мирчески), Шведска (Бојан Шоптрајанов, Глигор Јовановски), Австралија (Богдан Богданов), Турција (Биљана Минчева Шукарова, Трајче Стафилов), Словенија (Трајче Стафилов, Игор Кузмановски, Владимир Петрушевски), Хрватска (Глигор Јовановски), Франција (Валентин Мирчески), Мексико (Методија Најдоски), Србија (Бојан Шоптрајанов, Биљана Минчева-Шукарова, Владимир Петрушевски, Љупчо Пејов) и др.
Научна публицистика
Членовите на Институтот ги објавуваат резултатите од својата работа во научни списанија на Факултетот, во Македонија и надвор од неа.
Отпрвин, во текот на доста долг период, трудовите на повеќето истражувачи беа објавувани главно во годишни зборници (на ПМФ, на Хемискиот факултет и на други факултети).
Во 1986 г. е постигната согласност да престане издавањето на одделни периодични публикации (годишни зборници) на Институтот за хемија и на Технолошко-металуршкиот факултет, при што беше решено да продолжи да излегува само Гласникот на хемичарите и технолозите на Македонија. Во редакцијата на ова списание беа повеќе членови на Институтот. Основач и прв главен уредник беше Бојан Шоптрајанов, а во редакцијата од тогашниот Хемиски институт на Природно-математичкиот факултет членуваа М. Јанчевска и И. Петров. Во вториот состав на редакцијата Бојан Шоптрајанов и Лидија Шоптрајанова беа уредници, а во третиот состав уредници беа Зоран Здравковски, Глигор Јовановски и Лидија Шоптрајанова. Со по еден мандат главни уредници биле Глигор Јовановски и Трајче Стафилов, а во редакцијата, како еден од уредниците, активно работеле, односно работат и Лидија Шоптрајанова, Зоран Здравковски, Слоботка Алексовска, Љупчо Пејов, Киро Стојаноски, Марина Стефова. Бојан Шоптрајанов, Глигор Јовановски и Трајче Стафилов се членови на Издавачкиот совет.
Голем број трудови се објавени во интернационални реномирани списанија, каде што многупати биле цитирани од страна на други автори. Некои резултати се вклучени и во познати монографски публикации. Повторно според резултатите на Министерството за образование и наука од 15 најцитирани научни работници кои работат во Република Македонија 10 се од Институтот за хемија.
Карактеритичен за последниот период е фактот што поголем број од членовите на Институтот за хемија се ангажирани како рецензенти на трудови за реномирани меѓународни списанија, а некои од нив се и членови на Уредувачките одбори на меѓународни списанија (Зоран Здравковски, Владимир Петрушевски, Трајче Стафилов).
Студиски престои во странство
На подолги студиски престои надвор од границите на поранешна Југославија биле: Димче Тошев (во Франција); Мирослава Николовска (во Франција); Иван Петров (во Велика Британија и во САД); Александар Николовски (во Германија): Биљана Минчева-Шукарова (во Велика Британија); Глигор Јовановски, Киро Стојаноски, Анета Мирчева, Мира Трпковска и Лилјана Андреева (во Шведска); Вера Јордановска (во Германија и во Италија); Богдан Богданов (во Австралија); Благоја Јорданоски (во Чешка). Подолги престои во САД, покрај Иван Петров, оствариле уште и Бојан Шоптрајанов, Иван Грозданов, Зоран Здравковски и Методија Најдоски, додека во Германија Валентин Мирчески, Рубин Гулабоски, Владимир Ивановски и Филип Спировски. Престои во Велика Британија имале Бојан Шоптрајанов, Мирјана Ристова, Орхидеја Групче, Лилјана Андреева, Владимир Петрушевски, Виктор Стефов, Слоботка Алексовска, Љупчо Пејов и други. Во Германија на студиски престој биле Бојан Шоптрајанов, Глигор Јовановски и Виктор Стефов, во Турција студиски престои оствариле Лилјана Андреева, Биљана Минчева-Шукарова, Трајче Стафилов и Катарина Чундева, во САД бил Владимир Петрушевски, во Швајцарија Игор Кузмановски, а студиски престој во Шведска реализирал Љупчо Пејов.
Организирање и учество на научни собири
Членови на Институтот (по правило тимски) организирале повеќе научни собири, од кои неколку на сојузно ниво во поранешна Југославија.
Така, во 1974 г., во Скопје било организирано Петтото југословенско советување "Применета спектроскопија". Претседател на Научниот одбор бил Бојан Шоптрајанов, а претседател на Организациониот одбор бил Иван Петров. Во 1981 г., пак, била организирана (во Скопје и во Кавадарци) XVI југословенска конференција за кристалографија (главниот организатор од Македонија бил Глигор Јовановски).
Хемискиот факултет бил соорганизатор на Дванаесеттиот југословенски конгрес на студентите по чиста и применета хемија со меѓународно учество. Претседател на Студентскиот научен одбор била Славица Треневска, секретар Виктор Стефов, а член на Одборот Лила Андреевска. Претседател и секретар на Студентскиот организационен одбор биле Георги Костовски и Билјана Рикаловска, а претседател и секретар на менторскиот организационен одбор Бојан Шоптрајанов и Орхидеја Групче.
Во 1988 г. во Охрид бил организиран Петтиот југословенски симпозиум по аналитичка хемија (претседател на Научниот одбор бил Бојан Шоптрајанов, претседател на Организациониот одбор Александар Николовски, а секретар Лидија Шоптрајанова; во Научниот одбор биле уште и Тодор Тодоровски и Благоја Топузовски, а во Организациониот одбор биле и Лилјана Андреева, Орхидеја Групче, Круме Калајџиевски, Љиљана Клисарова, Симка Петровска-Јовановиќ, Владимир Петрушевски, Мирјана Ристова, Илинка Спиревска, Трајче Стафилов, Ристо Стојанов, Корнелија Стојанова и Мира Трпковска). Следната (1989) година, повторно во Охрид, биле организирани Десеттото југословенско советување по општа и применета спектроскопија (X YUSPEC) и Третиот југословенски симпозиум за молекуларни науки (претседател на Научниот одбор на X YUSPEC и член на Научниот одбор на Симпозиумот бил Бојан Шоптрајанов, а претседател и секретар на Организациониот одбор за двете манифестации биле Трајче Стафилов и Биљана Минчева-Шукарова соодветно; во Организациониот одбор биле и Лилјана Андреева, Орхидеја Групче, Глигор Јовановски, Владимир Петрушевски, Мирјана Ристова, Илинка Спиревска, Ристо Стојанов, Киро Стојаноски, Мира Трпковска и Лидија Шоптрајанова).
На Институтот за хемија во 1993 г. е организирана Интернационалната конференција за детекцијата на соларни неутрина со талиумови минерали. Претседател на Организациониот одбор на оваа манифестација бил Трајче Стафилов.
По обновувањето (во 1973 г.) на советувањата на хемичарите и технолозите на Македонија (тие се во организација на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија), научни работници од Институтот/ Факултетот редовно биле членови на одборите на тие советувања. Од 1985 г., советувањата се организираат наизменично на Хемискиот институт и на Технолошко-металуршкиот факултет, со соодветен состав и на одборите. Така, на Деветтото советување претседател на Научниот одбор бил Бојан Шоптрајанов, а на Организациониот - Методија Димески; на Единаесеттото советување претседател на Научниот одбор бил Глигор Јовановски, а на Организациониот Киро Стојаноски. На Тринаесеттото советување претседател и секретар на научниот одбор биле Корнелија Стојанова и Трајче Стафилов, а на Организациониот одбор Вера Јордановска и Благоја Јорданоски. Координатор на Четиринаесеттото советување била Лидија Шоптрајанова. Претседател на Организациониот одбор на Петнаесеттиот конгрес на хемичарите и технолозите на Македонија била Симка Петровска-Јовановиќ (секретар Орхидеја Групче), а претседател на Научниот одбор бил Киро Стојаноски. Претседател на Организациониот одбор на Седумнаесеттиот конгрес на хемичарите и технолозите на Македонија била Верка Јордановска а на Научниот одбор Владимир Петрушевски. Голем придонес дадоа одредени членови од Институтот и во организацијата на Петтата меѓународна конференција на хемиските друштва на земјите од Југоисточна Европа што се одржа во Охрид (Зоран Здравковски како секретар на Организациониот одбор, а членови Слоботка Алексовска, Игор Кузмановски, Марина Стефова и Киро Стојаноски).
На иницијатива на Институтот, во 1994 г. почнаа да се одржуваат конгреси по чиста и применета хемија на студентите од Македонија. Претседател на Организациониот одбор на Првиот конгрес (во кој членувале предимно вработени и студенти од Институтот) била Орхидеја Групче, а секретар Владимир Петрушевски. Претседател на Организациониот одбор на Третиот конгрес бил Зоран Здравковски, а на Научниот одбор Глигор Јовановски, додека на Петтиот конгрес (2003) бил Емил Поповски, а на Научниот одбор Валентин Мирчески. И во одборите на Вториот (1996 г.), Четвртиот (2000) и Шестиот конгрес (2005) имаше вработени и студенти од Институтот.
Членови на Институтот за хемија биле во составот и на одбори (научни и организациони) и на научни манифестации кои не биле во организација на Институтот/Факултетот.
Иван Петров бил член на Организациониот одбор на I југословенски конгрес за индустриска хемија (Белград, 1969 г.), член на Почесниот одбор на Третиот југословенски симпозиум за аналитичка хемија (Нови Сад, 1982 г.) и на Научниот одбор на Шестото и Седмото југословенско советување по чиста и применета спектроскопија (Блед, 1976 г. и Ниш 1978 г.).
Димче Тошев бил член на Научниот одбор на Третиот југословенски конгрес за чиста и применета хемија (Љубљана, 1972 г.), на Почесниот одбор на Осмиот југословенски конгрес за чиста и применета хемија (Приштина, 1988 г.) и на Второто советување на хемичарите и технолозите на Косово (Приштина, 1984 г.).
Бојан Шоптрајанов бил член на Организациониот одбор на II југословенски конгрес за индустриска хемија (Скопје, 1976 г.), член на научните одбори на Седмиот југословенски конгрес за чиста и применета хемија (Нови Сад, 1983 г.), на Седмото, Осмото и Деветтото југословенско советување по чиста и применета спектроскопија (Ниш, 1978 г., Загреб, 1983 г., и Блед, 1986 г.), на Третиот и на Четвртиот југословенски симпозиум по аналитичка хемија (Нови Сад, 1982 г., и Сплит, 1985 г.), на Четвртиот југословенски симпозиум за молекуларни науки (Блед, 1991 г.).
Глигор Јовановски бил член на Организациониот одбор на Седмиот југословенски конгрес за чиста и применета хемија (Нови Сад, 1983 г.).
Лидија Шоптрајанова била член на Извршниот одбор на Третиот југословенски симпозиум по аналитичка хемија (Нови Сад, 1982 г.) и на Научниот одбор на Шестиот југословенски симпозиум по аналитичка хемија (Сараево, 1991 г.).
Александар Николовски бил член на Организациониот одбор на Третиот југословенски симпозиум по аналитичка хемија (Нови Сад, 1982 г.).
Тодор Тодоровски (додека бил во Хемискиот факултет) бил член на Научните одбори на Третиот и на Четвртиот југословенски симпозиум по аналитичка хемија (Нови Сад, 1982 г. и Сплит, 1985 г.).
Трајче Стафилов бил член на Организациониот одбор на Интернационалниот симпозиум за детекција на соларните неутрина со Tl-205 (Дубровник, 1990 г.), како и член на Научните одбори на симпозиумите по аналитичка хемија на земјите од Егејскиот (Ајвалик, Турција, 2000; Лезбос, Грција, 2002; Кушадаси, Турција, 2004) и од црноморскиот регион (Одеса, Украина, 2001; Шиле, Турција, 2003), член на Меѓународниот научен одбор на Третата конференција на хемиските друштва на земјите од Југоисточна Европа (Букурешт, Романија, 2002), член на научните одбори на Седмиот меѓународен симпозиум по аналитичка хемија (Каиро, Египет, 2006), на Првиот и Третиот меѓународен собир за антропогеното влијание на терцијалните басени во Медитеранот, Штип, 2004, Љубљана, Словенија, 2005) и на Третата балканска еколошка конференција (Катерини, Грција, 2006).
Во континуитет, научни работници од Институтот биле членови на менторските, односно студентските научни и организациони одбори на југословенските конгреси на студентите по чиста и применета хемија со меѓународно учество.
Научни работници од Институтот, со свои научни соопштенија, речиси редовно учествуваат на меѓународни научни собири - конгресите на Меѓународната унија за чиста и применета хемија (IUPAC), европските конгреси за молекулска спектроскопија, манифестациите под назив Colloquium Spectroscopicum Internationale, конференциите под заеднички наслов Horizons in Hydrogen Bond Research и некои други. Одделни членови на Институтот учествувале и на повеќе манифестации со национален карактер (но со меѓународно учество) одржани надвор од Македонија - во рамките на поранешна Југославија, но и пошироко.
Бојан Шоптрајанов бил поканет секциски предавач на XXVI интернационален колоквиум по спектроскопија (Софија, 1990) и на X симпозиум "Spectroscopy in Theory and Practice" (Блед, 1995), а бил и претседавач на една од работните групи во рамките на Конференцијата за водородни врски (Sånga-Säby, 1980, Шведска). Трајче Стафилов бил пленарен предавач на повеќе меѓународни научни собири: на XXXI интернационален колоквиум по спектроскопија (Анкара, 1999), Вториот (Ајвалик, Турција, 2000), Третиот (Лезбос, Грција, 2002) и Четвртиот (Кушадаси, Турција, 2004) Егејски симпозиум по аналитичка хемија, на Првиот (Одеса, Украина, 2001) и на Вториот симпозиум по аналитичка хемија на земјите од црноморскиот регион (Шиле, Турција, 2003), на Меѓународниот симпозиум за антропогеното влијание на терцијарните басени од Медитеранот (Љубљана, Словенија, 2005), на Седмиот симпозиум по аналитичка хемија (Каиро, Ргипет, 2006) и на Третиот национален симпозиум по аналитичка хемија на Турција (Чанак Кале, 2006). Глигор Јовановски бил пленарен предавач на XII Конгрес на студентите и млади научни работници по хемија од Бугарија (Софија, 1984), потоа на Третата интернационална конференција на хемиските сојузи на Југоисточна Европа (Букурешт, 2002), како и на Осмата хрватско-словенечка кристалографска конференција (Ровињ, 1999). Биљана Минчева-Шукарова и Љупчо Пејов одржале пленарни предавања на 18. Европски конгрес по молекулска спектроскопија (Истанбул, Турција, 2006) и на Симпозиумот по физичка хемија (Белград, Србија, 2006). Повеќемина членови на Институтот биле пленарни или секциски предавачи на научни манифестации во поранешна Југославија и во Македонија.