Navigation
 

ПРАВИЛНИК ЗА СТУДИРАЊЕ СПОРЕД КРЕДИТ СИСТЕМОТ
НА ПРИРОДНО-МАТЕМАТИЧКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ

Член 1

Со одредбите на овој Правилник се утврдува и уредува начинот на студирање според кредит трансфер системот согласно студиските програми и програмите за наставните предмети на додипломските студии на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Член 2

Одредбите на овој правилник се во согласност со Универзитетскиот правилник за единствени правила на студирање и со одредбите од Статутот на Природно-математичкиот факултет во Скопје кои се однесуваат на студенти.

Член 3

Студентот запишува број на предмети кои носат минимум 21 кредит но не повеќе од 40 кредити во семестар (член 15 од Правилникот на УКИМ).

Член 4

Студентот може да запишува наставни предмети од наредниот семестар (зимски-летен семестар) кои се предвидени со студиските програми (член 19 од Правилникот на УКИМ).

Член 5

Студентот запишува наставен/ни предмет/и за наредниот семестар, според условите предвидени со шемата со условувачки критериуми (член 46 и 47 од Правилникот на УКИМ) одобрена од Институтот - носител на студиската програма, приложена во Пакетот на информации.

Член 6

Студентот има право да полага испит за завршно оценување по предметот/те по кој посетувал настава, по завршувањето на наставата, во месец февруари и месец јуни, за предмети кои ги слушал во зимскиот семестар, и во месец јуни и месец септември, за предмети кои ги слушал во летниот семестар (член 73 од Правилникот на УКИМ и член 138 од Статутот на ПМФ).

Студентот кој не покажал задоволителни резултати (не положил) на завршното оценување во предвидените испитни рокови во став 1 од овој член, предметот/те ги запишува и слуша повторно.

Стручниот совет на соодветниот институт при Факултетот може да донесе одлука со која ќе се предвидат и дополнителни термини за завршно оценување во рамки на горе наведените испитни рокови, само за предметни програми кои се услов за запишување на наредните предметни програми. (член 74 од Правилникот на УКИМ и член 138 од Статутот на ПМФ).

Студентот кој не се стекнал со право на потпис за ислушаниот предмет, истиот повторно го запишува во соодветниот семестар (зимски или летен).

Член 7

Студентот има право да запише наставен предмет во нареден семестар, кој е условен со претходен наставен предмет, и ако не добил преодна оценка на завршното оценување, под услов да ја посетувал наставата по условниот предмет од претходниот семестар.

Студентот ќе може да пристапи на завршно оценување за предметот кој е условен со претходен предмет, откако студентот ќе добие позитивна оценка на завршното оценување по предметот кој што бил претходен услов.

Студентот може да се подвргне кон континуирана проверка на знаењето за запишаниот/ите предмет/и во случаите од став 1 и 2 од овој член.

Ако студентот и по повторно ислушување на одреден предмет не покажал задоволителни резултати (не положил) во првиот испитен рок, за секое наредно полагање, на барање на студентот, испитот се полага пред комисија.

Студентот може да се откаже од слушање на запишаниот предмет, предвидено во став 1 од овој член, најдоцна по еден месец од започнување на наставата задоволувајќи го условот даден во член 3 од овој Правилник.

Член 8

Во текот на секој семестар се реализираат две колоквиумски седмици, првата во средината на семестарот, а втората во првата недела по завршување на наставата од тековниот семестар.

Во текот на колоквиумската недела не се изведува настава.

Со одлука на Стручниот совет на соодветниот институт при Факултетот може да се определи и дополнителен колоквиум.

Член 9

Испитната сесија во февруарскиот и јунскиот испитен рок, трае три (3) седмици, и истата се реализира во период од третата до петтата седмица по завршувањето на семестарот.

Испитната сесија во септемврискиот испитен рок, трае три (3), односно четири (4) седмици, и истата се реализира во период пред започнувањето на наставата.

Член 10

Начинот на спроведување на завршното оценување, условите и критериумите за добивање на позитивна оценка на истото, и останатите пакет информации, за секој студиум е уредено од страна на институтите при Факултетот и е содржано во информаторот за студенти на Природно-математичкиот факултет во Скопје, кој се дава на секој студент и се објавува на WEB страницата на Факултетот.

Член 11

Термините за отпочнување на наставата за секој семестар, односно студиска година, го одредува со посебна одлука Наставно-научниот совет на Факултетот, во јуни за зимскиот семестар и во февруари за летниот семестар (член 106 од Статутот на ПМФ).

Термините на колоквиумските недели и испитите ги одредува Стручниот совет на соодветниот институтот при Факултетот во јуни за зимскиот семестар и во февруари за летниот семестар.

Член 12

Настава по изборни предмети се организира ако за изборниот предмет се определат и го запишат најмалку 5 студенти.

Член 13

На редовен студент може да му мирува статусот на студент, во траење до една студиска година, кога за тоа постојат оправдани причини и тоа:

  • породилно отсуство;

  • потешко долготрајно боледување кое оневозможува редовно следење на наставата;

  • социјални проблеми во семејството и

  • учество на научни, културни и спортски манифестации.

За остварување на правото од став 1 на овој член, студентот треба да поднесе барање со приложена важечка соодветна документација, најмногу во рок од 10 дена од кога настанала причината поради која бара мирување.

Член 14

Стручниот совет на соодветниот институтот при Факултетот може да донесе одлука за организирање на подготвителна настава, по принцип на самофинасирање, по определни предмети за кои постои интерес кај новозапишаните студенти, а се во функција на успешното следење на соодветната студиска програма. Подготвителната настава се организира пред почетокот на студиската година.

Член 15

За предмети од студиска програма за кои постои интерес кај студентите, со согласност на предметниот наставник, Стручниот совет на соодветниот нститутот при Факултетот, може да предложи Наставно-научниот совет да донесе одлука, во текот на летниот период, да се организира дополнителна настава и да се спроведат испити за завршно оценување.

Цената на чинење за организирање на наставата и испитите од став 1 од овој член, за секој предмет пооделно, ја определува Стручниот совет на соодветниот институтот при Факултетот, и истата ја потврдува Деканатската управа.

Член 16

На барање на заинтересирани кандидати (студенти или со завршени додипломски студии) запишани/завршени на различна студиска програма, Стручниот совет на соодветниот институтот при Факултетот, може да организира следење настава и полагање на испити за наставни предмети од соодветниот студиски програм, според изборот на кандидатите, на прицип на самофинансирање.

Трошоците за наставата и вежбите, од став 1 од овој член на предлог на соодветниот институтот при Факултетот, ги утврдува Деканатската управа.

Студентот се здобива со уверение за положениот/те предмети и стекнатите кредити.

Член 17

Одредбите од овој Правилник се однесуваат само за студентите запишани по кредит трансфер систем во учебната 2005/2006 година и во иднина, се до нивна промена.

За студентите запишани пред учебната 2005/2006 година се применуваат правилата за студирање пропишани во Статутот на Природно-математичкиот факултет и според одлуките донесени на Наставно-научниот совет на Факултетот, со кое се регулирани условите за запишување на студиски години.

Член 18

Овој Правилник влегува во сила со денот на неговото објавување во Гласникот на Универзитетот Св. Кирил и Методијво Скопје.

Природно-математички факултет во Скопје
Д Е К А Н,

Проф. д-р Костадин Тренчевски