Navigation
 
ПОСЕТА НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

На 26.10.2009 год. во посета  на ПМФ беше министерот за образование и наука г-динот Никола Тодоров. Целта на посетата беше да се промовира новата лабораторија за нуклеарна физика и медицинска физика при Институтот за физика. Заедно со министерот во посета беше и ректорот на УКИМ проф. Д-р Велимир Стојковски, проректорот проф. Д-р Коле Василевски. Присутни беа и деканот на Факултетот за електротехника и информатички технологии проф. Д-р Миле Станковски, деканот на ПМФ од Државниот универзитет во Тетово проф. Мохамед Шехаби, директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност на Македонија г-динот Румен Стаменов, официјални лица од Министерството  и други поканети гости.

             

Деканот на ПМФ, проф. Д-р Доне Гершановски, истакна дека...

...Ова е посебна прилика за Институтот за физика и за Природно-математичкиот факултет, УКИМ, Скопје. Собрани сме да го одбележиме почетокот на соработката и потпишувањето на договорот меѓу трите факултети: Природно-математичкиот факултет и Факултетот за електротехника и информатички технологии, УКИМ, Скопје  и Природно-математичкиот факултет, Државен универзитет од Тетово на проект со Меѓународната агенција за атомска енергија, Виена, на полето на едукација на студентите од областа на нуклеарната физика...

Ценејќи ги нашите потреби, Агенцијата за атомска енергија од Виена во минатите две години потроши скоро 200.000 долари за опремата што ни ја додели. Но не само тоа, Агенцијата одлучи да бидат доделени средства за опрема и во втората фаза што започнува сега оценувајќи дека нашите напори за едукација на студентите, спремноста за соработка, кадарот шти го има на ИФ се гаранција дека задачите што ги поставува Агенцијата ќе бидат исполнети. А тие задачи не се едноставни: Агенцијата бара имплементација на современи курикулуми од областа на нуклеарните техники,  детекцијата и дозиметријата на јонизирачките зрачења, имплементација на BSS (основните безбедности стандарди) при употребата на зрачењата во било која област.

Од десно на лево: Министерот Н. Тодоров, државниот секретар С: Билиќ, деканот на ПМФ проф. Д. Гершановски, деканот на ФЕИТ проф. М. Станковски,  ректорот проф. В. Стојковски, продеканот на ПМФ проф. С. Алексовска и раководителот на Институтот за физика проф. М. Ристова

Во лабораторијата за форензика: Министерот Н. Тодоров и раководителот на Институтот за физика проф. М. Ристова

НОВОСТИ ОД РАБОТАТА НА ПМФ

Свечено одбележан почетокот на наставата на дисперзираните студии по информатика во К. Паланка

 

            На 13. 10. 2009 год. се одржа свеченост по повод започнувањето со настава по информатика на дисперзираните студии по информатика во К. Паланка. Почетокот на студиите го прогласи премиерот на Владата на Р. Македонија м-р Никола Груевски во присуство на повеќе гости и официјални лица: министерот за образование и наука г-дин Никола Тодоров, ректорот на УКИМ проф. Велимир Стојковски, проректорите на УКИМ, деканот на ПМФ проф. Д. Гершановски, раководителот на Институтот по информатика проф. А. Мадевска, градоначалникот на К. Паланка г-дин А. Алексовски и други официјални гости.

            Во свосто обраќање, премиерот ја истакна важноста на овие студии за градот К. Паланка и пошироко затоа што со овие студии се отвараат нови перспективи за младите луѓе од неравиените региони како што е К. Паланка кои што ќе претставуваат силен импулс во заживувањето на економијата и вкупниот живот во овие краеви. Тој истакна дека очекува  во следните 10-тина години овие студии да дадат неколку стотини дипломирани информатичари чие што вработување  ќе ја  измени сликата на овој крај. Успешните студии се очекува да привлечат повеќе млади луѓе и од другата страна на границата (од Бугарија и Србија) да студираат на овие студии.

            Инаку, оваа година на дисперзираните студии по информатика во К. Паланка се запишаа 42 студенти. Наставата ја одржуваат професори и асистенти од Институтот за информатика кои секојдневно патуваат во К. Паланка. Факултетот очекува МОН да помогне во разрешувањето на тековните проблеми во врска со овие студии (патување, нови вработувања за реализација на наставата, материјални средства за квалитетна настава итн.).

НОВО НА ПМФ

СКЕНИРАЧКИ ЕЛЕКТРОНСКИ МИКРОСКОП НА ПМФ

 

Проф. д-р Мимоза Ристова

 

Во рамките на Темпус ЕДУФОРМАК проектот за Институтот за физика беше набавен половен скенирачки електронски микроскоп со дигитализација на сликата, марка JEOL, модел  JSM T220A. Максималното зголемување е 20 000 Х. За манипулирање и за базично сервисирање на овој микроскоп беа обучени еден професор, еден соработник и еден лаборант. Можат да се анализираат примероци од текни филмови (метали, полуспроводници, суперспроводници). Инструментот може да се користи и за форензички анализи на микро-траги од местото на настанот.

30 и 31 октомври во Охрид - работилница

УТВРДЕН КОНЦЕПТОТ ЗА ШКОЛА ЗА ДОКТОРСКИ СТУДИИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ

Во рамките на активностите за усогласување на високообразовната дејност со Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во делот на воведувањето трет циклус студии и донесувањето на Правилникот за докторски студии, на 30 и 31 октомври о.г. во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се одржа работилница посветена на комплексот прашања поврзани со воведувањето на докторските студии на нашиот Универзитет (начинот на нивното организирање, креирањето на студиските програми, критериумите за запишување и сл.).

Во дводневната работилница учествуваа 70 наставно-научни кадри на Универзитетот - декани, продекани, претставници на единиците задолжени за вториот, односно третиот циклус студии, членовите на Стручниот совет за докторски студии, ректорот, проректорите и генералниот секретар на Универзитетот. Административната поддршка на целокупната организација и одвивање на работилницата ја вршеше Стручната служба на Универзитетот.
Работилницата започна со презентацијата на д-р Елена Думова-Јованоска, проректор за настава и претседател на Стручниот совет за докторски студии, за концептот на организирање на докторските студии насловена Школа за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Работилницата во Охрид беше успешна и претставува уште една потврда за интегративното дејствување на Универзитетот - сите факултети и институти на едно место утврдија единствен концепт за организирање на докторските студии во Школа за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Активностите продолжуваат со регулирање на оваа материја во посебен правилник, за кој по неговото утврдување од Ректорската управа ќе се води расправа на единиците на Универзитетот. Правилникот ќе биде донесен од страна на Универзитетскиот сенат, со што и практично ќе почне да функционира третиот циклус - докторски студии, согласно со Законот за високото образование.

60 ГОДИНИ МАКЕДОНСКО ГЕОГРАФСКО ДРУШТВО

Македонското географско друштво чие седиште од неговото формирање (29-ти ноември 1949 год.), е на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје оваа година прослави 60 годишен јубилеј. По тој повод во периодот од 22-25.10.2009 год. во хотелот Гранит во Охрид се одржа Свечена академија со меѓународен симпозиум на тема Географијата и одржливиот развој, на кого присуствуваа претставници од 10 држави. Притоа покрај другото беа изнесени и аспектите на работа и делување на Македонското географско друштво во изминатите шест децении.

 

            Цели на друштвото

            На основачкото собрание се утврдени следните цели на дејствување на Македонското географско друштво:

§         да ја развива, унапредува и шири географската наука низ сите нејзини гранки,

§         да организира и помага географски истражувања,

§         да работи на усовршување на географската настава,

§         да шири географски знаења вон ашата земја,

§         да одржува врски со слични друства и научни институции во земјата и во странство.

            Од тогаш до денес Македонското географско друштво непрекинато работи во функција на вака поставените цели.

 

            Манифестации и активности

            Македонското географско друштво во текот на својата 60 годишна дејност во сферата на развојот на географската наука и настава се јавува како организатор и носител на: пет конгреси, осум научни симпозиуми, над 20 стручни собири, две научни и стручни списанија, 30 регионални и државни натпревари за учениците од основните и средните училишта, над 20-тина теренски стручни екскурзии, наставни програми, соработка со други орнанизации и институции во земјата и странство и др.

 

            Издавачка и научно истражувачка дејност

Круна на Македонското географско друштво е издавачката дејност. Отпечатени се зборници од сите одржани научни собири во Република Македонија. Почнувајќи од 1962 година како научно-стручно се издава списанието Геогравски разгледи од кое до денес се публикувани 42 броја со околу 500 трудови на околу 6000 страници.

 

            Државни натпревари по географија

Во функција на популаризација и развој на географијата во Република Македонија, Македонското географско друштво секоја година организира училишни, општински, регионални и државен натпревар по географија за учениците од основните училишта, гимназиските и средните стручни училишта. Досега се организирани 30 државни натпревари по географија. На нив вообичаено учествуваат по околу 100-тина ученици. Како организатори се јавуваат училиштата во повеќе општини како што се  Велес (2), Крива Паланка (1), Охрид (1), Пробиштип (3), Прилеп (1), Скопје (7), Струмица (2), Тетово (1), Штип (3), Струга (1) и т.н.

 

Соработка со институции и организации

од странство и од Република Македонија

Македонското географско друштво во контекст на своите појдовни цели и принципи воспоставува соработка со разни институции од Република Македонија и од странство. Член е на Меѓународната географска унија (International Geographical Union) од 22.10.2004 година. Поинтензивна соработка има со соодветни географски институции и организации

 

Македонското географско друштво денес

Македонското географско друштво денес е едно од најмасовните општествени организации од ваков тип кое опфаќа над 2000 членови, географи од Република Македонија од кои понепосредно во разни манифестации постојано и непосредно активни се околу 500 географи. Македонското географско друштво со својата матична институција Институт за географија при Природно математичкиот факултет во Скопје може да се пофали со над 50 доктори на географски науки и над 70 магистри на географски науки.

 

Македонското географско друштво

Претседател

Проф. д-р Благоја Маркоски