Navigation
 

Научно-истражувачка дејност на Институтот за биологија

Научноистражувачката дејност на Институтот за биологија се одвива од почетокот на неговото формирање и тоа во рамките на трите заводи (Завод за ботаника, Зоолошки завод и Завод за физиологија и биохемија), како и во Ботаничката градина. Во првите десетина години, оваа дејност се одвиваше мошне скромно и пред сé индивидуално, а во наредниот период развојот се одвиваше со систематско вклучување на млади соработници. Со првите одбранети докторски дисертации, научноистражувачката дејност на Институтот почна да се проширува и интензивира. Во тој период, оваа активност постепено почна да се одвива со тимска работа и со формирање на истражувачки групи, со што се овозможи продлабочување и проширување на истражувањата во различните области на био­логијата. Финансирањето на научноистражувачката дејност во почетокот се реализираше преку издвојување средства од Факултетот, потоа преку проекти од Републичкиот фонд за наука, а по осамостојувањето на Република Македонија, финансирањето се одвива главно преку Министерството за образование и наука и Министерството за екологија и просторно планирање на Р. Македонија.
Во изминатиот период, научните истражувања на Институтот беа насочени кон проучување на биолошките структури на клеточно ниво, на ниво на организам (микроорганизми, растенија и животни), како и на ниво на популации, животни заедници и екосистеми (составот и меѓусебните односи), од различни аспекти (природни и експериментални услови, патологија). Сите овие истражувања вклучуваат како лабораториска така и теренска работа, чија цел е здобивање со научни сознанија како основа за развој на технологијата и за напредок на општеството.
Во текот на 20 век имаше мошне брз развој на природните науки. Како резултат на брзиот развој на биологијата, се јави потребата од воведување нови биолошки курсеви во наставата. Со тоа беше овозможено формирање и развивање на нови катедри во составот на постојните заводи при Институтот за биологија. Во последниве 10 години, покрај тековните проектни активности во рамките на научноистражувачката работа, за одбележување е формирањето на нови одделенија и лаборатории, со што дојде до проширување на сите видови дејности на Институтот. Во таа насока е формирањето на Македонската колекција на микроорганизми (МАКОМО) во 1998 година, со големо залагање на проф. д-р Митко Караделев. Во истата година, под раководство на проф. д-р Даница Рогановиќ-Зафирова, отворена е лабораторијата за молекуларна биологија, која со својата фундаментална и апликативна дејност (особено клиничка) има посебно значење за развојот на Институтот. Во 2000 година, како резултат на продлабочувањето на дејноста, Одделението за систематика на нижите растенија (проф. д-р Светислав Крстиќ и доц. д-р Златко Левков) се прошири со лабораторијата за хидробиологија и биотехнологија на алги, опремена за анализи на физичко-хемиските особини на водните екосистеми и за култивирање на алги. Во 2005/06 година, на иницијатива на м-р Јасмина Димитрова-Шумковска беа создадени просторни и материјални услови за формирање на фарма за одгледување на нов вид експериментални животни - хомозиготни дефициентни глувци во ендогениот аполипопротеин Е (-/-), од типот APOE-M knockout mice, кои претставуваат експериментален модел за истражувања на голем број заболувања.
 
 
 
Научноистражувачката дејност на Институтот за биологија во периодот од 1996 до 2006 година се базира на реализирање на научноистражувачки проекти од национален и од меѓународен карактер, со фундаментално и апликативно значење, како и на проекти со карактер на меѓународно техничка соработка и размена на искуства. Дел од активностите на оваа дејност се реализира преку партиципација на научниот кадар во други научни проекти. Оваа дејност на Институтот во последнава деценија опфаќа реализација на 96 научноистражувачки проекти (42 национални и 54 меѓународни), од кои 58 под раководство на наставниот кадар на Институтот (насловите се наведени во активностите на заводите). Резултатите од овие истражувања се публикувани во бројни научни и стручни трудови во домашни и во странски списанија, како и во многу стручни студии и елаборати.
Во последнава деценија, во Заводот за ботаника со Ботаничка градина се реализирани вкупно 61 научноистражувачки проект (13 национални и 48 меѓународни и проекти за меѓународна научно-техничка соработка), од кои 36 проекти биле под раководство на наставниот кадар од овој Завод. Одделението за систематика на вишите растенија (проф. д-р Владо Матевски и доц. д-р Митко Костадиновски) ја истражува флората и вегетацијата на Р. Македонија и на јужните делови на Балканскиот Полуостров. Одделението за анатомија, морфологија и цитогенетика (проф. д-р Живко Сековски и проф. д-р Гордана Димеска) се занимава со цитогенетиката и мутагенезата, а посебно со индуцираните мутации предизвикани од физички и од хемиски мутагени агенси кај различни растителни видови. Истражувањата на Одделението за систематика на нижите растенија (проф. д-р Панче Стојановски, проф. д-р Светислав Крстиќ и доц. д-р Златко Левков) се насочени кон проучување на таксономијата и екологијата на дијатомејските таксони, како и кон примената на дијатомеи и други алги во биомониторингот и биоиндикацијата на водените екосистеми. Одделението за физиологија и биохемија на растенијата (проф. д-р Мирко Спасеноски, проф. д-р Ленка Цветановска и ас. д-р Соња Гаџовска) го истражува секундарниот метаболизам кај in vitro култури на растителни клетки и ткива. Научните истражувања на Одделението за екологија на растенијата (проф. д-р Љупчо Меловски и ас. м-р Славчо Христовски) се фокусирани на еко­логијата на шумските екосистеми, како и на биолошката разновидност и нејзината заштита во Р. Македонија. Одделението за микробиологија (проф. д-р Џоко Кунгуловски и помл. ас. м-р Наталија Атанасова-Панчевска) се занимава со воспоставување на ISO стандарди за микробиолошкиот квалитет на прехранбените производи, како и со најновите методи за изолација и проучување на најчестите контаминанти на храната. Истражувањата на Одделението за микологија (проф.   д-р Митко Караделев) се фокусирани на биодиверзитетот на габите на Бал­кан­скиот Полуостров и пошироко.
Во изминатите 10 години, во Зоолошкиот завод се реализирани вкупно 21 научноистражувачки проекти (17 национални и 4 меѓународни и проекти за меѓународна научно-техничка соработка), од кои 8 проекти под раководство на наставниот кадар од овој Завод. На Одделението за морфологија и систематика на ,рбетниците се вршат истражувања од урбаната орнитологија, од квантитативната орнитологија и синекологијата (проф. д-р Бранко Мицевски). Нова проблематика на ова Одделение се истражувањата на морфологијата, онтогенетскиот развој и топографската позиција на одделни органи на структурно ниво во текот на раниот онтогенетски развој на рибите (проф. д-р Билјана Караман и ас. м-р Милица Ристовска). Истражувањата на Одделението за систематика на без,рбетни животни (проф. д-р Стое Смиљков и помл. ас. Валентина Славевска-Стаменковиќ) се насочени кон испитување на различни инвертебратни таксономски групи од макрозообентосот. На Одделението за цитологија, хистологија и ембриологија на животните (проф. д-р Нада Митева, проф. д-р Даница Рогановиќ-Зафирова, проф. д-р Ирена Тавчиовска-Василева, доц. д-р Маја Јорданова и помл. ас. м-р Катерина Ребок) се вршат хистолошки анализи на различни анимални органи и ткива во разни експериментални услови. Во истражувањата од понов датум, како објект на хистопатолошка анализа се користат разни видови риби од Охридското и од Преспанското езеро. Истражувањата на Одделението за анимална екологија (доц. д-р Дана Прелиќ) се во врска со влијанието на урбанизацијата врз биодиверзитетот во градските средини, преку таксономски анализи како индикатор на еколошките промени во средината, и утврдување промени на општата рамнотежа во системот. Мошне значаен чекор во развојот на Заводот за зоологија е формирањето на Одделението и лабораторијата за молекуларна биологија (на иницијатива на проф. д-р Рогановиќ-Зафирова), а научноистражувачката активност на ова Одделение (доц. д-р Сашо Панов) е од областа на молекуларната генетика на човечкиот канцер.
Во Заводот за физиологија и биохемија се реализирани вкупно 14 научноистражувачки проекти (12 национални и 2 меѓународни), во рамките на трите постојни одделенија: Одделение за физиологија и имунологија, Одделение за споредбена физиологија и екофизиологија и Одделение за биохемија. Под раководство на наставниот кадар на овој Завод се реализирани 10 проекти. Одделението за општа физиологија и имунологија (проф. д-р Јорданка Димовска, проф. д-р Ицко Ѓоргоски и ас. м-р Митко Младенов) се занимава со проучување на влијанието на различни видови стрес (топлотен и оксидативен) врз физиологијата и имунологијата на хомеотермниот организам. Главна проблематика на истражувањата на Одделението за споредбена физиологија и екофизиологија (проф. д-р Славчо Митев, проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска и ас. м-р Биљана Миова) е испитување на влијанието на хипертермичката средина врз метаболизмот на јаглехидратите во црниот дроб и во други ткива и органи, преку следење на промените во активноста на клучните ензими и функцијата на ендокрините жлезди кај лабораториски стаорци. Истражувањата на Одделението за биохемија (проф. д-р Божидарка Ѓошиќ-Марковска и ас. м-р Јасмина Димитрова-Шумковска) се насочени кон проучување на липопротеинскиот метаболизам кај хиперхолесте­роле­ми­чни стаорци, како и на индуцирани алтерации во липидниот метаболизам во коре­ла­ција со појавата на некои заболувања.

Во текстот што следи ќе бидат наведени поконкретни податоци за научноистражувачката активност на Институтот за биологија во текот на изминатиов 10-годишен период.