Navigation
 

Научно-истражувачка дејност на Институтот за географија

                Покрај наставно-образовната дејност, се развиваат и научноистражувачката и апликативната дејност, при што дел од постигнатите резултати се објавуваат во неколку научни и стручни списанија. Од членовите на Институтот се публикуваат три самостојни изданија: Годишен зборник-географија, од кој досега има издадено 36 тома, Билтен за физичка географија 2 броја, Географски разгледи 40 тома и Географски видик 6 броја. За време на егзистирањето на студиите по етнологија во рамките на Институтот за географија се организираше и издавањето на посебно етнолошко списание ЕтноАнтропоЗум, кое сега се издава во рамките на Институтот за етнологија и антропологија.
 
 
 
Истражувачи од Институтот за географија на терен
 
 
                Наставниците и соработниците активно учествуваат со реферати на бројни географски и блиски до географијата научни собири во земјата и во странство. Институтот за географија, токму во последните 20 години, заедно со Македонското географско друштво, се јавува како организатор на три конгреси на географите од Република Македонија. Организирана е една тркалезна маса (2004 г.) во врска со територијалната организација на Република Македонија и еден симпозиум (2006 г.) на тема Руралниот развој во новите развојни услови, со меѓународно учество од осум држави. Исто така, извршени се повеќе истражувања и изготвени се повеќе комплексни студии, а се изработени следниве 15 научноистражувачки проекти, раководени од наведените професори:
 
1.        Геоеколошки состојби и проблеми во североисточниот дел на Република Македонија и мерки за заштита, раководител, проф. д-р Александар Стојмилов (1996 - 1998).
2.        Планински езера во Република Македонија, раководител, проф. д-р Драган Василески (1996 - 1998).
3.        Туризмот како еден од можните фактори за ревитализација и спречување на процесот на депопулација на некои рурални населби во западниот дел на Република Македонија, раководител, проф. д-р Никола Панов, (1998 - 2000).
4.        Флуктуации и осцилации на температурите и врнежите во Република Македонија, раководител, проф. д-р Михаило Зиков, (1998 - 2001).
5.        Енциклопедиски географски лексикон на Република Македонија, раководител, проф. д-р Васа Даскаловски, (1998 - 2001).
6.        Музеализација на земјоделската опрема во Струмичко и Малешевско и занаетите поврзани со неа, раководител, проф. д-р Крсте Богоески (1998 - 2001).
7.        Географски информациски систем на образовните институции во Република Македонија, раководител, проф. д-р Благоја Маркоски, (2001 - 2002).
8.        Воспостаување на картографски основи во електронска форма за изработка на разновидни тематски карти за територијата на Република Македонија, раководител, проф. д-р Благоја Маркоски (2000 - 2003).
9.        Прегледна карта: Антропогена деградација на природната шумска климазонална вегетација во Република Македонија (Р 1:200.000), раководител, проф. д-р Драган Колчаковски (2000 - 2003).
10.     Етнолошко и културно-антрополошко истражување на Порече, раководител, проф. д-р Анета Светиева, (2000 - 2003).
11.     Утврдување на потеклото на водите од поголемите карстни извори на планината Бистра и предлог - мерки за заштита од можни загадувања - утврдување на потеклото на водите од карстниот извор Казани во реката Студенчица, раководител, проф. д-р Драган Василески (2001 - 2004).
12.     Аграрно-географски потенцијали како фактор за трансформација на руралниот простор во Струмичко-радовишката Котлина, раководител, проф. д-р Ристо Мијалов (2001 - 2004).
13.     Етнографска карта на Македонија, раководител, проф. д-р Ѓорѓи Здравев, (2001 - 2004).
14.     Популациско-географски проучувања на наталитетот во Република Македонија, раководител, проф. д-р Мирјанка Маџевиќ (2003 - 2006).
15.     Словенци во Македонија и Македонци во Словенија, (македонско-словенечки проект) раководител, проф. д-р Мирјанка Маџевиќ (2003 - 2006).
 
                Бројот на научни и стручни трудови изработени и објавени од страна на членовите на Институтот за географија во наши списанија, како и во разни зборници од научни собири и други видови изданија денес веќе не се бројат во стотици туку во илјади.
                Согласно со новите развојни услови во општеството како целина во сферата на географијата во овој развоен период кај членовите на Институтот за географија е значително зајакната индивидуалната публицистичка дејност во смисла на издавање универзитетски учебници, монографски и енциклопедиски изданија и сл. До денес кадарот на Институтот за географија за потребите на студентите има оформено и издадено околу 50 универзитетски учебници и монографски изданија. Активно е вклучен во интернет-мрежата и користи и дава (преку сопствена интернет страница) разни географски информации. Во контекст на овие технологии, на Институтот за географија во овој период, согласно со светските технолошки трендови, се развива и проблематиката на ГИС (географски информациски системи) со што Институтот се јавува како центар каде што се создаваат, се обучуваат и излегуваат модерно специјализирани кадри. Особен напредок е направен и во сферата на производната картографска дејност.
 
 
СОРАБОТКА СО ДРУГИ ИНСТИТУЦИИ
 
                Институтот за географија, од своето постоење, е во директна и во индиректна комуникација со разни географски и сродни институции во земјата и во странство. Особени се комуникациите со географските институции од Србија (Белград), Словенија (Љубљана), Босна и Херцеговина (Сараево), Хрватска (Загреб), Полска (Краков), Украина (Воронеж) и други. Поради политичките случувања и распаѓањето на поранешните федеративни држави, во последниве 20 години дел од комуникациите се намалија, но последните десетина години тие повторно се зајакнуваат и се воспоставуваат на нови основи. Последните неколку години особени се комуникациите со географските институции од Словенија, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. На добар пат е воспоставувањето поконкретни комуникации со географски и со сродни институции од Франција, а се надеваме и од повеќе други земји.

                Соработката низ размена на литература и географски информации преку разни форми продолжува понатаму.