Navigation
 

Научно-истражувачка дејност на Сеизмолошката опсерваторија

Во научната дејност на Сеизмолошката опсерваторија при Природ­но-математичкиот факултет во Скопје, изразена во низа научни проекти, обја­вени статии и трудови, ракописи собрани во фондот на Опсерваторијата и др., застапени се следните области од сеизмологијата, физиката на внатрешност на Земјата, геофизиката и блиските и сродни научни дисципли­ни: методи на сеизмолошките набљудувања; методи на одредување на кинематичките и динамичките параметри на земјотресите (хипоцентрално време, координати на епицентарот и длабочина на хипоцентарот; магнитуда, интензитет); методи на каталогизирање на историс­ките и современите земјотреси; истражувања на параметрите на сеизмичноста (локална и ре­гио­нална); механика на континуум; локална и регионална бранова и структурна сеизмологија (истражување на распростирањето на сеизмичките бранови од локалните и од регионалните земјотреси, со моделирање на градбата и факторот на квалитет на локалната и на регионалната Земјина кора и со изнаоѓање на регионалните ходохрони и коефициенти на придушување на брановите); одредување на параметрите на макросеизмичкото поле; физика на земјотресно жариште; механика на ломење; сеизмотектоника; сеизмологија на силни земјотреси; сеизмички хазард и ризик; се­измичко реонирање и микрореонирање; корелација помеѓу набљудуваната сеизмичка активност и промените во геомагнетското поле.
Опсерваторијата досега извела самостојно или учествувала во вкупно 14 научни проекти, од кои 7 меѓународни (3 со траење од 5 до 7 години) и 7 републички (со тра­ење од 1 до 5 години).
Од Опсерваторијата објавени се 34 труда во интернационални научни списанија (како Tectonophysics, European Journal of Earthquake Engineering, Soil Dynamic and Earthquake Engineering и др.) и во реномирани странски национални научни списанија (како Докладì Академии наук СССР - поранешен СССР, Acta Seismologica Iugoslavica - поранешна СФРЈ, Физика Земли - Русија,Geofizika - Хрватска и др.).
Во научни списанија во Република Ма­ке­донија, од Опсерваторијата се објавени околу 20 трудови.
Бројот на трудовите објавени од Опсерваторијата во зборници на трудови од научни собири е околу 50, од кои најголемиот дел во зборници на трудови од научни собири надвор од Република Македонија.
Бројот на соопштенијата и усните или постерските презентации на трудови од Опсерваторијата на научни собири е 54, од кои 48 на научни собири надвор од Република Македонија.
 
(СЛИКА)
Монографски изданија на Сеизмолошката опсерваторија во Скопје
 
Опсерваторијата досега објавила 10 монографии. Во 1965 г., оваа институција го има покренато издавањето на списанието Повремени изданија на Сеизмолошката станица во Скопје, од кое се излезени 3 броја. Бројот 1 од ова спи­сание е исто така со монографски карактер, со наслов Земјотресот во подрачјето на градот Скопје од 26 јули 1963 година, неговата епицентрална зона, механизмот и условите за постанок (Скопје, 1965), а неговите автори, Д. Н. Рустанович, В. А. Токмаков и Д. Хаџиевски, се награ­дени со наградата "13 Ноември" на град Скопје за 1966 г.